Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес. Образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации, велат од МОН.

Министерството за образование и наука нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава. Иако, оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел.

Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите. Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнаа со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано. Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача.

Средношколците на состаноците беа известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и секако со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно.

Исто така, Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците.

Државната матура којашто е и законска обврска се одржува во сите европски земји и земји во регионот и покрај пандемијата. Успешно се реализираше минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година. Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики.

Министерството за образование и наука заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура.

Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.