Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, вели дека од првиот ден кога ја преземал функцијата па се до последниот, неговата работа се карактеризирала и се водела според принципот на транспарентност и чесност, затоа што верува дека чесноста е најдобрата политика.

Како што посочува Шаќири преку соопштение од МИОА по повод неговиот последен ден како прв човек на ова Министерство, овој период, бил полн со предизвици и достигнувања.

Реформа на јавната администрација, Законот за висока раководна служба, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, дигитализација на услугите, проектот „Една точка за услуги„, системот за интероперабилност, дигиталната идентификација, националната ИКТ стратегија, унифицирани веб-страници, Стратегија за отворени податоци, системот за управување со документи (ДМС), Проектот за сајбер безбедност, „Roam like at home“, подобрување на телекомуникациската мрежа, усогласување на домашното и европското законодавство во областа на медиумите се неповратни процеси за чија реализација работевме и работиме со најголема посветеност – истакнува Шаќири.

Според него, овие процеси се незапирливи и неповратни, како и патот на Македонија кон евроатлантските интеграции и Европската Унија.

Затоа сум подготвен да му ја понудам мојата поддршка и совет на идниот министер, за реализацијата на овие процеси да продолжи без пречки. Веќе целиот мој фокус е посветен на иднината и новите предизвици што таа ги носи. Познавајќи се себеси и водејќи се од принципите на транспарентност и чесност во работата, верувам дека успешно ќе го надминам секој предизвик со кој ќе се соочам – истакнува Шаќири.

Досегашниот министер за информатичко општество и администарција Јетон Шаќири (ДУИ) треба да го преземе ресорот за образование и наука во новата влада за која во Парламентот ќе се гласа викендов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.