Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче, во изјава за Телевизија Сител, денеска посочи дека откако започна вакцинацијата, и сега, со амплификацијата на целиот процес со новите мерки ситуацијата е многу подобрена, но, само кај вакцинираните граѓани.

– Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани, кажа министерот.

Филипче нагласи дека најавените нови мерки со кои само со примени две дози ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.

Во однос на ситуацијата, Филипче потенцираше дека таму каде опфатот со вакцинација е низок преоптоварен е и здравствениот систем, и обратно, онаму каде што има опфатот со вакцинација е прилично висок, како во Охрид, Неготино, Кавадарци, Вевчани, Штип, болниците можат да функционираат само во рамките на инфективните одделенија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.