Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел.

Како што соопштуваат од МНР, министерот Димитров денеска ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и министерот за надворешни работи на Албанија, во организација на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас.

Работниот појадок, непосредно пред одржување на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе претставува можност министерот Димитров да ги запознае колегите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со последните политички случувања во земјата, со фокус на клучните приоритети поврзани со владеењето на правото, како и имплементацијата на договорите со Грција и Бугарија. Воедно ќе го повтори барањето Советот што е можно поскоро да постигне согласност за новата преговарачка методологија и без понатамошно одлагање да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори, посочуваат од МНР.

Во рамки на посетата на Брисел, министерот Димитров ќе се сретне со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување, со шефот на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со шефот на кабинет на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Од МНР информираат дека предвидени се средби и во Европскиот парламент со претседателот на групата Обнова на Европа, Дачијан Чолос и со повеќе европратеници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.