Откако медиумите, а не Владата, објавија за номинацијата на Рената Дескоска како иден македонски претставник во Венецијанската комисија, министерката за правда преку „Фејсбук“ порача дека сега засега, само е номинирана.

Дескоска, исто така, се правда дека нема да е единствена министерка во комисијата и дека многу земји праќаат владини претставници, откако медиумите објавија дека според правилата и практиката на комисијата членовите се независни експерти, а се избираат од редот на искусни професори, особено од полето на меѓународното право, членови на врховниот или уставните судови или членови на националните парламенти.

Се надевам дека од јануари, по истекот на мандатот на постојниот член на Венецијанската комисија, ќе можам да придонесам за целосно хармонизирање на нашето законодавство со европското. Земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари, доколку истите ги исполнуваат условите, заради подиректна соработка со комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија чиј претставник е заменик министерот за правда, Романија, Унгарија… Секако, во моментов одлуката на Владата е само номинација…, напиша Дескоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.