Министерката Мизрахи се вклучи во случаите со мобинг врз работниците од страна на градоначалникот на општина Лозово, Ацо Велковски. Министерката се сретна со Снежана Цветковска и Виолета Спасова и заедно со правниот тим ја разгледуваа документацијата. Вели дека ќе направи се што е во можност на Министерството за труд и социјала.

Запрепастена сум и немам зборови. Ќе направам се што е во моја моќ да им се помогне на овие луѓе, да им излеземе во пресрет. Она што е во надлежност на МТСП ќе им се помогне, но ќе ги насочиме исто така и кон други Министерства каде што сметаме дека ќе им се отворат вратите за помош. Јас лично ќе се консултирам со други министерства за да видиме како да го решиме проблемот, вели Мизрахи.

Снежана и Виолета водат одделни судски спорови против Велковски и општината и чекаат судовите да пресудат.

Хигиеничарката Снежана, чека одлука од штипска Апелација која првично пресуди во корист на Велковски, иако, како што вели Цветковска, сите аргументи биле на нејзина страна. Таа се уште е во работен однос, но е на боледување. Очекува кога ќе се врати на работа да и биде врачен отказ.

Виолета Спасова до среда треба да се врати на работа во општината откако штипска Апелација пресуди Велковски веднаш да ја врати на работно место според степенот на образование. Судот констатираше дека дисциплинските постапки кои беа водени против Виолета биле неосновани.

За потсетување, и против Снежана и против Виолета се воделе дисциплински постапки. Снежана, прво затоа што ги миела чашите и шољите во општинската кујна, а потоа зашто не ги миела.

Виолета, пак, пред да добие отказ била деградирана за две нивоа по две дициплински постапки. И двете се жалат дека на останатите колеги им било забрането да комуницираат со нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.