По поразот на Европскиот совет, каде Македонија и Албанија добија вето за отворање на преговорите за членство во ЕУ, како утешна награда се појави иницијативата Мини Шенген, за која од Владата на Заев велат дека ќе доведе до „подобар Балкан и подобар живот за сите граѓани“. Дел од меѓународните поддржувачи на Заев, кои изминатите недели пишуваат гневни писма до францускиот претседател Емануел Макрон, побрзаа да ја поздрават средбата во Охрид како голем успех на балканската дипломатија.

Но, поранешниот косовски министер за надворешни работи Петрит Селими посочи дека оваа иницијатива е стара скоро цела деценија, а не носи некакви посебни придобивки, имајќи предвид дека регионот е веќе длабоко интегриран. Косово отсуствуваше од средбата во Охрид, а косовскиот претседател Хашим Тачи подвлече дека за неговата земја ЕУ е единствената алтернатива.

Не сакам да ви ја растурам забавата, но ова е смешно. Косово веќе има билатерални договори за минување на границите со употреба само на лична карта. Вистински Шенгенски договор би имале ако граѓаните на Балканот ги минуваат границите без било какво запирање, напиша Селими на коментарот на претставникот на ОБСЕ за малцински прашања во Србија Иан Банкрофт, кој го фалеше самитот во Охрид како „огромен позитивен чекор кон интегрирање на регионот“.

Како аргумент плус, Селими сподели вест за Мини Шенгенски договор. Веста е од 2010, од серијата регионални средби кои тогаш беа иницирани од македонскиот претседател Ѓорге Иванов и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, кои средбите со Бамир Топи од Албанија и Фатмир Сејдиу од Косово ги означија како „Мини Шенген“ за да се обезбеди уште полесно минување на границите. Оттогаш постојано се работи на воведување интегрирана гранична контрола и на намалување на бирократските пречки, поради што зачудува триумфално најавената „нова“ иницијатива на Заев.

Според Заев и другите балкански водачи во Охрид, договорот ќе води кон полесно издавање дозволи за работа, признавање дипломи и намалени бирократски пречки за движење на стока преку границите. Но, Селими потсетува дека регионот веќе е високо интегриран и нема уште многу што да се направи надвор од вистинските ЕУ интеграции. „Косовските дипломи се признати во три од нашите четири соседни држави. Имаме други, многу посуштински проблеми кои ја попречуваат регионалната соработка“, вели Селими, алудирајќи на српското непризнавање на Косово.

Додека реалните придобивки се неизвесни, во Србија и во Албанија, иницијативата предизвика коментари поради асоцијациите кон големодржавните амбиции на двата народи. Водачите на овие две земји беа соочени со прашања и критики за тоа дека прават чекори кои ќе доведат до национални придобивки за спротивната страна, а Вучиќ и зборуваше на таа тема во Охрид.

Единствено кај Заев не се гледаат задни намери во проектот, како и во иницијативата за „Норвешка на Балканите“ иницирана од поддржувачот на Заев Гералд Кнаус, која како и mини Шенген лесно може да се претвори во замена за загубеното членство во ЕУ. Наместо постигнување еднаков статус на сите балкански држави, како рамноправни членки во ЕУ, алтернативата која се нуди вклучува интегрирање на Македонија со две далеку поголеми национални зони, а без првата и привилегиите кои произлегуваат од членството во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.