Зборувајќи за Законот за употреба на јазиците, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вечерва порача ова што се случи сега со Венецијанската комисија е меѓународна шлаканица за коалицијата СДСМ-ДУИ, бидејќи донела закон надвор од европските стандарди.

Милошоски нагласи дека критиката од страна на Венецијанската комисија за употреба на законот за јазици е издржана потенцирајќи дека законот е правно неодржлив , односно како што рече тој тоа е политиканство се со цел краткорочно да се задоволат коалициските интереси. Според Милошоски, ретко кога Венецијанската комисија дава вакви остри критики.

Имаме закон за парнична постапка имаме закон за обвинителство, имаме закон за кривична постапка имаме закон за управна постапка. Сите овие закони се системски закони кои што ние или наши претходници во собранието ги изгласале согласно уставните амандмани, а системски закон значи дека се гласа со две третини и сега вие со еден закон кој што е изгласан со просто мнозинство наметнувате наметнувате норма на друг закон и го дерогирате друг закон кој што е изгласан со две третини и е системски закон. Тоа е правно непознавање на работите, тоа е политиканство се со цел краткорочно да се задоволи некој коалициски интерес, но правно не е оддржлив и во право е Венецијанската комисија кога вели дека овој закон ќе направи повеќе штета во правосудниот систем, отколку корист, а и досега на ниту една странка во правосудниот систем не и било скратено да го користи јазикот кој што е мајчин јазик, рече Милошоски во дебатата со Артан Груби од ДУИ и пратеничката од СДСМ Соња Мираковска во „Топ тема“.

Тој ги потенцираше и изјавите на премиерот во заминување Зоран Заев по однос на забелешките од Венецијанската комисија, велејќи дека малку е што во три дена има три различни изјави.

Се случувало и по повеќе односно во три дена да има и по шест различни изјави, така што ценам дека ова е негов скромен перформанс, рече Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.