Пратеникот Антонио Милошоски денеска на пресконференција објави документи од кои, како што рече, може да се види дека наместо на Заев и Филипче приоритет да им биде набавка на вакцини, ним приоритет им било да местат тендери.

Тој обвини дека власта наместила тендер за набавка на томографи за две болници во земјава, во Кавадарци и Гевгелија. Милошоски оваа афера ја нарече „коруптографија“ и образложи дека двете набавки на томографите ги добила една фирма и тоа за 15 милиони денари повисока цена , откако бил поништен тендерот со што биле елиминирани другите учесници на јавната набавка.

Оваа власт стана мајстор за афери и скандали – рече Милошоски, обвинувајќи дека Заев, сака да прикаже само декларативна борба против корупцијата.

Тој ги повика истражните органи да ја истражаат оваа сомнителна јавна набавка во која томографите за двете болници биле набавени за многу повисока цена, иако фирмата што ги добила понудила многу пониска цена на тендерот пред да биде поништен.

Набавката за томографија се претвора во нова афера наречена коруптографија на министерот за здравство, а се однесува на болниците во Кавадарци и Гевгелија. И еве кој бил вистинскиот приоритет на министерот Филипче додека трае драмата за набавка на вакцини, зад завесата се случува уште еден сомнителен тендер овој пат со набавка на томографи за потребите на двете споменати болници Кавадарци и Гевгелија.Она што е драматично воочливо е што се поништува првиот пат јавната набавка на томографи, се елиминира конкуренцијата од преостанатите 7 фирми преку нарачана интервенција на Управата на Бирото за јавни набавки и двете набавки ги добива само една фирма. Разликата е во тоа што првиот пат цената на чинење на тендерите за два томографи е 21 милион денари, а по поништувањето вториот пат тендерот чини со томографите и составните елементи 36 милиони денари. Односно 15 милиони денари повеќе за истите томографи, за истата набавка, но овој пат само со една фирма во игра која што го добива монополот – рече Милошоски.

Наместо на Заев и Филипче приоритет да им биде набавката на вакцини во декември минатата година и во февруари оваа година, приоритет им била набавката на томографи, поништување на тендер за да го добие фирма со зголемена цена од 15 милиони денари, вели Милошоски.

За да биде сомнежот поголем фирмата која што на вториот тендер ги добива двата томографи самата учествувала на првиот тендер со пониски цени. Се работи за фирмата Кубус Медикал која што според јавно достапни информации во изминатите три години од Министерството за здравство има добиено тендери во висина од прилика од 5 милиони евра.

Имено за што станува збор, министерството за здравство распишува јавна набавка за апарати за томографи за Кавадарци и Гевгелија, при што победник на првиот тендер е предвидено да биде оној правен субјект кој што ќе понуди најниска цена. Вкупната сума за двата апарати изнесува 36 милиони денари, вкупната предвидена цена. Учествуваат 8 компании во првиот натпревар во декември 2020 година, победник за набавката на едниот апарат е КУБУС МЕДИКАЛ со понуда од 8.500.000 денари, а втората набавка ја добива другата компанија со понуда од 12.400.000 денари вели Милошоски.

Ова се случува ден пред Нова година, додаде пратеникот, а потоа интервентен упад прави Управната контрола на Бирото за јавни набавки, ја поништува јавната набавка наводно заради не поднесени Ц сертификати од страна на сите компании, а не им дава никаков рок на компаниите да го обезбедат овој Ц сертификат кој многу лесно се добива доколку се укаже дека е потребно да се корегира документацијата.

– На втори февруари ова година повторно се организира нова јавна набавка при што власти укажуваат дека единствено право за учество на двата тендери има само компанијата „ Кубус Медикал “ . Овој пат за истите томографии за кои и првиот пат „Кубус Медикал“, ги понудила за цена од осум ипол милиони денари, вториот пат ги понудува по цена од дванаесет милиони и четиристотини илјади денари. И вториот томограф исто така е набавен за шестнаесет милиони денари, односно за речиси пет милиони денари поскапо по однос на првото наддавање. Се набавуваат и два составни делови на овие томографи коишто чинат два милиони и четиристотини илјади денари и разликата е во тоа што првиот пат во тендерот цената на чинење била дваесет и еден милион денари, а по поништувањето на овој тендер, вториот пат за истите томографи, државата преку министерството за здравство плаќа триесет и шест милиони денари, односно петнаесет милиони денари повеќе – рече Милошоски.

– Тоа значи дека имаме целосно елиминирана конкуренција од страна на министерството за здравство, управната контрола се користи како алиби за поништување на првата поефтина набавка и втората набавка при елиминирана конкуренција го користи една фирма чии цени одат до плафон, односно петнаесет милиони денари поскапо од првата набавка на томографи – вели пратеникот Милошоски.

Тој додаде дека ма крај стои потписот на министерот за здравство, а прашањата кои се поставуваат за оваа афера „коруптографија“ е зошто управната контрола ја поништува јавната набавка и нема дозволено сите фирми да обезбедат Ц сертификат?

– Како може да се набават за 15 милиони денари поскапи томографи, односно први првата набавка истите да чинат 21 милион денари, а при втората набавка истите да чинат 36 милиони денари, само затоа што конкурира една фирма, со временска разлика од само два месеци? Затоа сметаме дека со ваквата набавка на томографи министерството за здравство, очигледно е дека го има „местено“ тендерот за да го добие една фирма со многу поскапа цена од 15 милиони денари од првиот пат.

Ова покажува дека во реалните набавки во Владата, корупцијата е еден од системите на функционирање, додека Владата во исто време предлага некакви хартии за борба против корупцијата – додаде Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.