Антонио Милошоски денеска побара оставка од министерката за правда Рената Декоска, откако беше изгласана потребата од носење на законот по скратена постапка, што според пратеникот е обид на власта на сила да ги донесе законите.

Бараме од другарката на Боки Tредичи, Рената Дескоска да си поднесе оставка зашто во нејзин мандат има најголем политички и судски скандал, рече Милошоски за случајот „Рекет“.

Собранието денеска ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО. За предлогот гласаа 57 пратеници. Со ова почнува расправата за овој предлог закон во собраниските комисии.

Според Милошоски  се злоупотребува европското знаменце за да се донесе Предлог-законот за јавно обвинителство, но потврди дека опозицијата, сепак, ќе учествува во комисиската расправа и ќе предложи амандмани на законот. Нивниот став е дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во матичните обвинителства.

Имаме системски амандмани, а во однос на случаите на СЈО кои се во судски процес сметаме дека треба да продолжат, но истовремено сметаме дека треба да се почитува постоечкиот закон за СЈО каде пишува дека мандатот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалниот обвинител, рече Милошоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.