Дали и Вице и Зоран Заеви се ликовите во чие име зборува адвокатот Димишков, и дали адвокатот Димишков бара 6 милиони евра во име на Зоран и Вице Заеви? Дали тие се политичкиот центар на моќ каде што треба да се уплатат 6 милиони евра за да се укине одредена мерка притвор?, праша денеска на прес-конференција Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со вчера објавените аудиоразговори на Јутјуб.

Според него, ова е веќе втора индиција која што посочува дека Зоран Заев е главата на криминалниот октопод кој што ја злоупотребува политичката моќ како премиер за истовремено да биде и наредбодавач во обвинителството и наредбодавач во судството, и судските и обвинителските постапки да ги тргува за високи суми на пари.

Ова најголема рекетарска шема во Република Македонија наречена „Рекет“ има и свој покровител и ние сме изненадени зошто госпоѓата Вилма Русковска не покренува до сега никаква истрага за оној за кого што има индиции дека е покровител на шемата пари за правда, а индициите упатуваат до лицето Зоран Заев, вели Милошоски.

За неговата партија е чудно што за адвокатот Димишков и за судијката Димишкова немало истрага во Јавното Обвинителство, за посредување и за уцена, или изнуда на пари од лица кои што биле предмет на обвиненијата на СЈО.

Очигледно е дека се правени пазари со правдата. Сестрата судијка определува мерка притвор. Братот адвокат наоѓа посредници, бара пари, има центар за политичка моќ, и тие пари ги добиваат главните нарачатели на ваквите дејствија, и даваат наредба за укинување на мерката притвор, рече Милошоски.

Тој најави дека ако Јавното Обвинителство денес нема храброст да се соочи со овие индиции да ги истражи, тогаш одговорите ќе бидат дадени после изборите во како што рече „фер обвинителски и судски процес ќе можат да бидат одговорени сите овие дилеми кои што посочуваат дека Зоран Заев е можниот нарачател на ваквите рекетирања и изнуда на пари“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.