Милионот и пол евра, кои Орце Камчев му ги предаде на Бојан Јовановски во објавената снинка за „Рекет“, биле наменети за неговиот нов пасош. Како што пренесува „СДК“, веќе се обезбедени докази дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, а не судијата надлежен за „Империја“, дала дозвола МВР да му издаде нова патна исправа на првоосомничениот Камчев.

Како што пишува порталот, Камчев во договор со Јанева, побарал времена патна исправа, откако барањата за враќање на патните исправи од осомничените во „Империја“ додека трае истрагата, судијата на претходна постапка во пракса ги одбива, а подоцна одбиена била и жалбата до Алелација.

Ако Камчев побарал некој од неговите два пасоша, кои се Основниот суд Скопје 1, постоело ризик да не му ги даде.

Според законот, дозвола за нова патна исправа на лице кое е под истрага, не дава судот, туку органот што ја води истрагата. Имајќи предвид дека „Империја“ беше случај на СЈО, наредбата можела да ја даде, а и ја дала Јанева. Судот само ја препратил до МВР кое е надлежно за издавање нови патни исправи, а министерството ја спровело во мај 2019 година.

Порталот пишува дека Камчев и Јанева точно знаеле дека судот во ваков случај нема надлежност да не ја исполни наредбата на специјалната обвинителка под чија истрага беше „Империја“. Тој потоа ја пријави дека таа и Бојан Јовановски му зеле пари за оваа услуга, за што добија кривични пријави и притвор.

Времениот пасош, кој Камчев го доби во мај, му истекува на почетокот на следниот месец.

Обвинителката Лиле Стефанова, задолжена за „Империја“, веќе откри дека налогот за пасошот на Камчев бил даден од Јанева. По распуштањето на СЈО, сè уште не се знае кој ќе го превземе овој случај, затоа што Стефанова веќе е вратена во Радовиш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.