Без човечки капитал сите политики се беспредметни затоа грижата на државата пред се треба да биде насочена кон луѓето, нивното здравје, образование, егзистенција. Ако се има предвид дека во услови на поширока децентрализација, општините се одговорни за имплементација на над 70% од законите, станува јасно колку е голема улогата на локалните власти и воопшто на локалната самоуправа во обезбедувањето на услугите за граѓаните, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски на Меѓународниот финансиски форум во Скопје во организација на Министерството за финансии на панелот „Човечки капитал и инклузивен раст“.

Здравствената криза предизвикана од Ковид 19 уште повеќе ги потенцираше разликите. Развојните разлики меѓу урбаните и руралните општини се рефлектираат на квалитетот на живеење и на способноста за на граѓаните за брза адаптација на новите услови. Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП направи две истражување за тоа како Ковид кризата се одразува на функционирањето на општините, рече тој.

Владата на Македонија во Програмата за одржлив развој и децентрализација 2021-2026 година се определила за проширување на децентрализацијата со пренесување на нови надлежности и ресурси на општините и подобрување на системот на финансирање. Во процесот на програмирање тргнале од потребите на граѓаните и на општините, имајќи ги предвид и искуствата од здравствената криза. Од аспект од приходи и расходи во општините во вториот квартал на 2020 во однос на истиот период во 2019 година приходите се намалени во 26 општини а, а расходите се намалиле во 49 општини.

Во наредниот период да се воспостави ефикасен и функционален национален систем за превенција, рано предупредување, одговор и опоравување од природни и од специфични кризи и катастрофи, во кој што општините ќе партиципираат според јасно дефинирани надлежности и одговорности и со доволно капацитети и ресурси. Во периодот на опоравување потребно е општините да ги намалат сите непродуктивни расходи кои не се директно поврзани со кризата предизвикана од Ковид- 19, без притоа да се наштети на двигателите на економскиот развој и на критичните локални услуги. Мерките и активностите од хоризонталните програми на општинските буџети да се фокусираат на пост-кризна обнова покрај фокусот на превенција и заштита на населението од брза експанзија на болеста – заклучи министерот Милевски.

Тој на крај додаде дека единиците на локалната самоуправа треба да продолжат да го поттикнуваат локалниот економски развој преку дигитализација на административните услуги, изградба на комунална инфраструктура, развој на економски зони, обезбедување мобилност, урбанистичкото планирање и уредување на градежно земјиште, секако преку соодветна финансиска поддршка од централната власт но и преку обезбедување на поправеден систем на финансирање на локалната самоуправа преку кој ќе се намалуваат развојните разлики меѓу урбаните и руралните општини и меѓу градот Скопје и другите делови од државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.