Оставката на Горан Милевски од позицијата министер за локална самоуправа може да повлече уште најмалку три измени во министерскиот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски, дознава „Плусинфо.мк“.

Во политичките кругови веќе започнаа да кружат информации дека Владата сериозно размислува да му се заблагодари на актуелниот министер за здравство Беким Сали за досегашната соработка, а од игра најверојатно ќе излезат и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Како главни кандидати за местото на Сали досега се спомнуваа тројца познати доктори и директори на клиники и болници: Софија Пејкова, Милена Стевановиќ и Христијан Костов.

Неофицијално, како главна причина за смена на Алити од највисоката позиција во Министерството за информатичко општество и администрација се посочени новите проценти во „балансерот“ и кревањето на процентот на Албанците на 31,54 проценти и покрај укажувањата на Државниот завод за статистика (ДЗС) дека треба да се пресметуваат процентите само на резидентното население во земјава, а не и на дијаспората.

Премиерот Ковачевски наводно не е задоволен и од работата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, па очекувано е тој да биде симнат од позицијата главно поради проблемите со реализацијата на големите инвестициски проекти, автопатите Кичево-Охрид, Скопје-Блаце, како и железничката и патната инфраструктура со Бугарија.

Засега не се познати главните претенденти за позициите на Алити и на Бочварски, но затоа, пак, веќе гласно се зборува дека партиската и министерската позиција на Горан Милевски најверојатно ќе ги преземе пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова.

Повеќе на „Плусинфо.мк“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.