Прес-конференцијата во Луксембург, по поразителниот исход на состанокот на министрите на Европската унија на кој Македонија не го доби ветениот датум за отворање на преговорите со ЕУ, помина во знакот на дописничката на државната новинска агенција МИА Тања Милевска. Милевска го критикуваше комесарот Јоханес Хан затоа што не сторил доволно да ги раздвои Македонија и Албанија, со што ќе се подобреа македонските шанси за отворање на преговорите, на што Хан мораше да ја потсети Милевска за сите негови досегашни заслуги.

До комесарот, имам едно лично прашање. Како што се подготвувате да ја напуштите оваа функција, дали чувствувате лична одговорност поради тоа што Комисијата силно инсистираше да ги води двете земји во група, иако се знаеше дека ќе биде многу полесно ако „Северна“ Македонија настапуваше сама, Милевска го праша Хан.

И комесарот возврати со емоции во гласот.

Се надевам дека лидерите на земјите-членки ќе успеат да ја согледаат пошироката слика и ќе се изнајде решение кое ќе одговори на очекувањата. Не го разбирам вашето прашање за моја лична одговорност. Не може да се биде секогаш 100 проценти успешен во се, и немам против ако други успеат по ова прашање. Јас имав голем придонес. Разбирам дека луѓето во „Северна“ Македонија се разочарани, но реба да се испита пулсот и да ја видиме и нашата одговорност, особено во земјите кои денес не ја дадоа нивната поддршка, одговори Хан.

Освен во Луксембург, семејството Јовановски – Милевски, кои се меѓу водечките во промовирање на владината пропаганда по прашањето на ЕУ, беа на тапет и на Твитер, каде Борјан Јовановски, вујкото на Милевска, се уште најавува датум за преговори – во септември! Борјан уште во мај годинава порача – „Старт на преговори за членство во ЕУ ќе има. Прашање е дали сега во јуни или подоцна во септември“. Овој коментар е неговиот истакнат твит, и покрај тоа што рокот измина – освен доколку тоа септември се однесува на некоја друга година. И денес, многу коментатори на Твитер го прозваа Борјан Јовановски за ова успешно предвидување, како и за коментарот дека „посетата на Папата е светото ‘зелено светло’ за старт на преговори со ЕУ“. Двата Твитер коментари насобраа стотици потсмешливи одговори.

По поразителната вест, Јовановски беше молчалив на Твитер, освен што упати мрачно предупредување напишано на француски јазик, веројатно до претседателот Макрон – „француската дипломатија мора да биде свесна за грешките кои ги направи за време на војната во поранешна Југославија кога носи чувствителни одлуки за Балканот“.

Неговата сестра Светлана Јовановска, мајката на Тања Милевска, која набргу по именувањето на Никола Димитров за министер за надворешни работи беше поставена за советник за односи со јавноста во амбасадата во Брисел, е молчалива на Твитер, но затоа се огласи на Фејсбук. Таму Јовановска објави повик од словенечкиот премиер Марјан Шарец во кој се бара да дадат позитивна одлука за проширување на ЕУ. Во барањето на Шарец, сепак, се бара позитивна одлука и за Албанија, што денес, како што укажа и Тања Милевска, се покажа како дополнителен фактор кој работи против интересите на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.