Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја тужи државата во Судот за човекови права во Стразбур, за мерката притвор која му била одредувана во 2018 и 2019 година, за неколку предмети покренати од СЈО. Тој го оспорува притворот одреден за време на истрагата за случајот „Империја“, за „Таргет и Тврдина“ и за „Титаник 2“, објави Фокус.

Во апликацијата се наведуваат податоци за изрекувањето и времетраењето на притворот за секој од предметите, па така се потенцира дека во ноември 2018 година му бил одреден притвор за случајот „Империја“, поради ризик од бегство. На 1 декември притворот му бил укинат, но потоа му бил одреден нов за случајот „Таргет и Тврдина“, исто така поради ризик од бегство.

На 29 декември 2018 година, Основниот суд Скопје донесе одлука со која му се определува куќен притвор на жалителот поради ризик од бегство. Куќниот притвор беше продолжен на 25 јануари и 26 и 28 февруари 2019 година. На 1 февруари 2019 година жалителот побарал да му се укине куќниот притвор, што барањето беше одбиено од Основниот суд Скопје на 1 април 2019 година. На 27 март 2019 година, по жалбата на жалителот, Врховниот суд ја поништи наредбата за куќен притвор и го ослободи жалителот од притвор, пишува во апликацијата.

Потоа се оспорува и притворот одреден по пресудата за случајот „Титаник 2“, односно дека Мијалков повторно бил вратен во истражниот затвор „Скопје“ на 8 март 2019 година, а Апелација му го заменила притворот со куќен притвор.

По оваа статистика, адвокатот на Мијалков навел и дека притворот бил незаконски и неразумен.

Тужителот се жали дека притворот од претходна постапка, определен во првиот сет на постапки, бил незаконски, произволен и неразумен, што ги прекршува различните аспекти на членот 5 од Конвенцијата. Понатаму, тој се жали дека постапката за ревизија пред Апелациониот суд во Скопје, по неговото барање укинување на наредбата за куќен притвор од 1 февруари 2019 година (наредена во втората постапка), не биле компатибилни со членот 5 став 4 од Конвенцијата, се наведува во апликацијата.

Во тужбата исто така се поентира и дека во 2016 година тогашниот претседател на државата донел одлука за помилување, со што Мијалков бил иземен од гонење за некои кривични дела. Потоа се појаснува и дека претседателот Ѓорѓе Иванов ја поништил дадената аболиција, за што се води посебна постапка пред европскиот суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.