Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе се сретне со неговиот македонски колега Зоран Заев на неутрален терен, во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН кон крајот на месецов, објави „Ефимерида“.

Според весникот ако средбата се оствари, таа ќе биде од интерес на двете страни, особено што Нова демократија на Мицотакис кога беше во опозиција се противеше на Преспанскиот договор за кој и гласаа против во Парламентот.

Во веста на „Ефимерида“ се додава дека до Мицотакис стасале повеќе барања за средби, посебно од Балканот. Засега е сигурно дека Мицотакис ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а како многу веројатно е најавена и средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Инаку, Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун неодамна изјави: „Преспанскиот договор е ратификуван и не може да се менува. Претходно реков, дека доколку договорот се ратификува ќе биде тешко да се измени. На северна Грција и е потребна развојна програма. Разговарав за потребата за заштита на македонските производи (од провинцијата Македонија во северна Грција н.з.). Не е договорена средбата со Заев, но очигледно е дека со него ќе се сретнам“.

И неговата сестра, Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи и пратеник од НД, вели дека Преспанскиот договор не може да се менува и оти „ние ќе го почитуваме“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.