Две се клучните прашања за овој 8 март и родовата рамноправност во нашата земја.
Недејствувањето на институциите на системот, особено МВР и Обвинителство, кога станува збор за континуирано и непрестано сексуално малтретирање и насилство, и отпуштањата на жените работнички во одредeни индустрии како текстилната, нешто што верувам се случува насекаде.
Институциите преспаа два страшни случаи како Јавна Соба 1 и 2, додека во исто време кризата од пандемијата и веќе постоечката социјалната нееднаквост драматично ја засилуваат и родовата нееднаквост во нашата земја.
Жените ја плаќаат секогаш најголемата цена.
Оваа негрижа и нееднаквост има негативни реперкусии врз сите аспекти на нашиот национален живот и се закана за какво било економско, социјално, политички или културно заздравување на нашето општествено ткиво.
Прaвата на жените се правата на сите нас.
Ако тие права се кршат, тогаш послаби сме сите ние, ако се почитуваат и применуваат тогаш сите сме посилни.
Ако сите ние сме индиферентни, тогаш сме индиферентни кон самите себе, а потоа и останатите.
Затоа е до сите нас, секојдневно да дадеме придонес.
Секој во себе треба да ја втемели еднаквоста и рамноправноста и конкретно да ја практикува или за неа да се бори.
Кога треба да се подигне гласот – тоа да се направи.
Кога треба да се просведочи насилството, неправдата или негрижата – тоа да не се премолчи.
Нема друг начин, првата и еднаквоста на жената ќе се афирмираат само ако сите се залагаме, напиша на Фејсбук, Ивор Мицковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.