Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и потпретседателот Александар Николоски, од утре па во наредните неколку дена ќе остварат дипломатски посети и средби со повеќе политичари од регионот и Европа во рамките на пријателските односи со повеќе сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ од семејството на Европската Народна Партија.

Претседателот Мицкоски ќе оствари средба со претседателот на Фидес, а воедно и премиер на Унгарија, Виктор Орбан. Тоа е партијата од која потекнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Потоа во Љубљана ќе се сретне и со премиерот на Република Словенија и претседател на Словенечката Демократска Партија, Јанез Јанша. Ова е особено значајно за европските интеграции ако се знае дека Словенија е идната земја која ќе го преземе претседавањето со ЕУ.

Воедно во неколкудневната дипломатска активност, лидерот на ВМРО ДПМНЕ ќе оствари средби и со претставници на хрватската владејачка партија, ХДЗ.

Средбите ќе бидат искористени за активно лобирање за државните интереси на Македонија пред се одблокирање на патот кон Европската Унија кој е блокиран со ветото од источниот сосед, и за застојот кој го има земјава во однос на реформите.

Средбите ќе бидат насочени и кон градење на мостови на регионална соработка на ВМРО-ДПМНЕ, како и разгледување на можностите за идна економска соработка и отворање на можностите за привлекување на инвестиции и размена на знаења со цел економско зајакнување на земјава во периодот на силната економска криза и рецесија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.