Во државава не може да се зборува за демократија и за европски вредности кога претседателот на СДСМ на деспотски начин избира претседатели на општинските ограноци, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, образложувајќи ги своите ставови околу владеењето на Зоран Заев, во емисијата Отворено на Алфа телевизија.

Ако чекаме до каде ќе оди метлата, јас сум разочарам, затоа што видов каков е вистинскиот карактер на претседателот на СДСМ, практично како е мал деспот кој избира кандидати без процедура, без јавен оглас, без да има интервјуа, истото како што беше за претседателскиот кандидат. Во еден тотално недемократски амбиент практично како со декрет, а ние зборуваме за европски вредности, за владеење на правото – вели Мицкоски.

Тој објасни дека ако од одлуките на Централниот одбор на СДСМ зависат одлуките во Владата, тогаш ние сме го погрешиле политичкиот систем.

Мицкоски вели дека се чекаат одлуки на државата да бидат она што ќе обзнани Централниот одбор на СДСМ, што е уште еден минус за државата.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува еден европски Статут кој што ќе биде пример, модел за тоа како треба да функционира една партија, додека од друга страна владеачката партија си менува претседатели на општинските организации на помалку или повеќе деспотски начин.

Вчудоневиден сум од трпението на луѓето во структурите на СДСМ, затоа што се почести се гласините дека има големо незадоволство во нивните редови и прашање на време е колку тие луѓе ќе имаат трпение, затоа што Заев и партијата и државата ја носи во амбис- рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.