Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Тетово информираше дека во селото Нераште заедно со пратеникот Александар Велјановски биле да изразат сочувство и да поразговараат со синовите на жена која беше една од 14те лица кои ги загубија животите во пожарот во модуларната болница на 8-ми месецов. Тој порача дека мора да има одговорност и како што рече, да се најдат вистинските виновници.

-Бевме во семејството на една од тие жртви, луѓето се уште го преживуваат тој хорор кој што се случи тој ден. Поразговарав со двајцата синови на мајката која е жртва на тие настани. Дел од тоа што го преживеаа, пренесоа и навистина можам да изразам големо жалење затоа што тоа што го слушнав е навистина тарорно и трагично и болно. Она што ние како ВМРО-ДПМНЕ можеме да го ветиме и обврземе и јас како човек е дека оваа работа порано или подоцна ќе ја истуркаме до крај. Виновниците за ова мора да сносат одговорност, без разлика дали е таа функционална или морална. Во Македонија пречесто се случуваат пожари, пречесто се случуваат порази, кои што сега чинат човечки животи. Ако сега не се сноси одговорност ако нема вина и оставки барем од тие кои се надлежни и ресорни во овој случај, а тоа е министерот за здравство, ако немаме независна истрага ако немаме истрага која ќе даде одговор на многу прашања, кои јавно ги поставив, а тоа е како може објектот да нема противпожарна заштита, зошто нема мерење на кислородот, како може да нема дозвола за употреба, а објектот да биде во употреба и уште многу прашања кои ги поставив а за кои нема одговор, истакна Мицкоски.

Лидерот на опозоцијата ја коментираше изјавата на премиерот Зоран Заев дека нема да поднесе оставка поради настанот, а рече дека како опозиција ќе преземат чекори на таа тема.

-Навистина кога човек ќе се поистовети со функција и кога себеси ќе се интерпретира со функција тоа сум јас, во услови кога невини човечки животи згаснаа е тажна и жална.  Доколку тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој замине, а Мицкоски ќе бил премиер тогаш навистина освен она чувство на гадење кое што во овој момент го имам друго немам што да кажам. Додека министерот за здравство кој што е најодговорен за овој случај таму каде што е, до кога неговиот заменик е таму каде што е, додека овие луѓе ја водат Владата не очекуваме непристрастна истрага. Многу е јасно, објектот немал дозвола за употреба, а е пуштен во употреба. Треба ли уште повеќе  да зборуваме. Овде треба кривична одговорност, овде треба 10-тина години затвор за тие кои што го дозволиле да се случи .Каква истрага збориме, имаме објект кој без дозвола за употреба е пуштен во употреба. Немаме инсталации за против пожарна заштита. Јас сум инженер констатирам, што треба понатаму да констатираме повеќе, посочи Мицкоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.