Коментирајќи ги изјавите на Социјалдемократскиот сојуз во врска со аферата кои тие ја нарекоа „Криминални парцели“, во врска со случајот со продажба на ниви во Делчевско, а во кој наводно се вклучени блиски лица до ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на опозициската партија, Хриситијан Мицкоски денеска истакна дека тоа се лаги и измислици.

Со тоа, додава Мицкоски, СДСМ ја дефокусира јавноста од тешкиот живот и инфлацијата, бидејќи се плашат и знаат оти ВМРО-ДПМНЕ ја формира следната влада.

Навикнат сум околу мене да се конструираат лаги, измислици и невистини. Четири и пол години сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ и најчесто тие што тоа го конструираат завршуваат со судски пресуди и треба да се извинат. Така беше многу пати во минатото така е и сега и така ќе биде во иднината, рече опозицискиот лидер.

Нормално, вели Мицкоски, уплашени се дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што ќе ја формира следната влада и знаат дека ќе треба да одговараат за криминалот, па сега, како што додава, се обидуваат да растураат пердуви и да конструираат лаги и измислици и да ги поврзуваат со мене.

Но тоа мене дополнително ме мотивира да продолжам да работам онака како што до сега сум работел чесно, посветено,мотивирано така било и така и ќе биде. Се обидуваат да ја дефокусираат јавноста од брилијантното однесување во парламентот, од инфлацијата, од тешкиот живот, од сите оние фаули што ни се случуваат секојдневно со тоа што нешто ќе поврзат негативно во општеството со мене, додава Мицкоски.

Опозицискиот лидер посочи дека верува во пресумпција на невиност, но исто така, додаде дека секој оној што згрешил пред законот, макар и родена сестра или брат, ќе одговара.

Времето на неказнивост на поединци во општеството заврши, времето на луѓето кои  мислат дека ќе си поигруваат со законот, заврши, но тоа важи и за сите останати кои биле на линија на законот од едната или од другата страна. Затоа сакам да им порачам на сите оние конструктори и измислувачи на лажни вести дека продолжуваме понатаму да се бориме против криминалот и корупцијата, продолжуваме понатаму да ги реализираме проектите а нормално повторно ние ќе се најдеме на суд и повторно нивниот партизиран суд, нивните партизирани органи на прогонот ќе треба да се извинат“, нагласи Мицкоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.