Во пресрет на локалните избори, порталот Прорисрч, во соработка со редакцијата на Плусинфо, спроведе телефонска анкета од 2 до 9 октомври 2021 година, на репрезентативен примерок од 1.006 граѓани. Граѓаните беа прашани за нивниот избор на локалните избори, како и за довербата во политичарите.

На прашањето за која листа за општински совет ќе гласате на локалните избори 2021 година, најмногу граѓани се определиле за ВМРО-ДПМНЕ 26%, по што следува СДСМ со 19,7%. ДУИ ја има довербата на 8,2% од граѓаните, наспроти Алијансата на Албанците со 6,1%. Фактори во локалните совети ќе бидат и Левица со 5,7% и независните листи со 2,4%.

Определбата на избирачите на гласањето за советничките листи е едно од клучните мерила за успехот на партиите на локалните избори, дотолку повеќе што изборите за советничките листи се спроведуваат според пропорционалниот изборен модел во еден круг и на нив партиите настапуваат самостојно, но и во конкуренција на независни листи.

Пресврт има и кај политичарите со најголема доверба. За првпат Христијан Мицковски убедливо води пред Зоран Заев, а Димитар Апасиев е трет.

Меѓу топ-10 политичари се Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ (15,5%), Зоран Заев, претседател на СДСМ (10,6%), Димитар Апасиев, претседател на Левица (5,9%), Али Ахмети, претседател на ДУИ (5,1%), Зијадин Села (2,7%), претседател на Алијанса на Албанците, Венко Филипче, министер за здравство, Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, Радмила Шеќеринска, министер за одбрана, Стево Пендаровски, претседател на Републиката…

Меѓу топ-10 политичари само еден е градоначалник, Максим Димитриевски, додека на пошироката листа има уште двајца градоначалници – Митко Јанчев на Кавадарци и Арбен Таравари на Гостивар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.