Честитка по повод празникот Свети Климент Охридски, од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски:

Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија да им го честитам 8-ми Декември денот кога го чествуваме големиот просветител Свети Климент Охридски.

Денес го славиме ликот и делото на светиот Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква, големиот словенски просветител, книжевник, учител, првиот словенски епископ и основач на големата Охридска книжевна школа која преставува првиот своевиден словенски универзитет. Светиот Климент Охридски е длабоко врежан во македонската историска меморија, но и човек кој со своето цивилизациско дело, кириличната азбука, се запишал со златни букви во словенскиот свет, но и во европската и светска духовна и културна ризница.

Тој е еден од најголемите и најдостојните ученици на светите Кирил и Методиј кој целиот свој живот го посветил на продолжувањето и ширењето на нивната работа. Како верен и доследен ученик на словенските просветители поминал макотрпен пат исполнет со премрежија и прогони, пат кој го издигна во еден од најголемите просветители. Неговото дело како факел носеше светлина за целиот словенски род.

Македонија е особено горда на неспорниот факт дека просветителскиот бран кој го понесе светиот Климент Охридски почна од Охрид, од Македонија и преку бројните преведени книги и учители кои произлегле од Охридската школа, се проширил во светот.

Вечен нека е споменот за свети Климент Охридски и неговото дело.
Вечен и честит нека е празникот.
Вечна нека е Македонија!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.