Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, извршија увид на градежни активности на канализациона мрежа во населба Јака каде беше дадена и изјава за медиумите.

Запрашан за коментар околу развојот на односите меѓу владата и СОНК и одбивањето на предлогот кој беше даден, Мицкоски истакна дека она што го понуди Владата е да продолжи да краде и ненаменски да ги троши парите на граѓаните, затоа усмено и без никаков писмен договор нуди зголемување на платата на наставниците и вработените во градинките.

107 проценти отприлика е некаде поскапувањето на зејтинот, отприлика 80-тина проценти поскапени се бензините и нафтата, 70-тина проценти брашното, 30-тина проценти за домаќинствата струјата, а за компаниите 300 проценти, можеби и повеќе. Она кое што го понуди Владата е да продолжи да краде и да ги троши ненаменски парите на граѓаните и понуди, како што можев да разберам, усмено 10 проценти зголемување на платата на наставниците и вработените во градинките без да има писмен договор, после некаков ребаланс на буџет кој што никој не знае кога ќе се случи и дали воопшто ќе се случи, посочи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Владата наместо да работи на стандардот на наставниците кои ги воспитуваат новите генерации, таа дополнително создава тензија и ги прави да се чувствуваат некомотни во сопствената држава.

Така што срамно е однесувањето на Владата. Истата оваа влада ќе ве потсетам во 2015 година, поранешната министерка за труд и социјална политика и образование Мила Царовска од говорницата на СДСМ држеше прес конференции и велеше дека е загарантирано со Устав правото на штрајк на вработените во образованието и во градинките. Така што срамно е однесувањето на оваа влада. Наместо да работи на стандардот на тие кои што ги воспитуваат нашите деца, кои што ги гледаат нашите деца да ги мотивира, таа дополнително создава тензија и создава револт и дополнително ги прави овие луѓе да се чувствуваат некомотни во сопствената држава. Уште еднашка покажува оваа влада предводена од нелегитимен премиер дека за едни е мајка, а за други за жал маќеа, потенцираше Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.