Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до луѓето кои се во првата линија во борбата против заразната пандемија која одзема животи, а тоа се здравствените работници. Тој вели дека има  желба, морална совест, но пред се обврска како човек да упати јавна благодарност до оние кои се  жртвуваат себе си, својот живот и судбината на своите семејства за да ги спасите нашите животи и животите на нашите семејства.

Ова писмо не е политичко, туку израз на мојата длабока искрена волја, која можеби на некој нема да му значи нешто, но мене ми значи многу, да ви кажам благодарам за се што правите во овие часови и денови кога нашата земја се соочува со еден од најсериозните предизвици во изминатите 6 децении.

Вашиот деноноќен труд спасува животи, и додека за време на полицискиот час секој од нас е дома со семејствата, вие сте на работните места и помагате. Не може човек, а да не се поклони кон величенственото дело кое го правите за нашата земја и овој народ, со чест и сила која нè прави горди. Во моите мисли се луѓето во белите мантили, како и полицајците, оние кои го одржуваат редот и мирот.

И во таа смисла, не можам, а да не ја прокоментирам снимката која ми остави впечатокот, овој викенд. Во известувањата на новинарите од Куманово каде беше прогласен целосен полициски час имаше еден случаен минувач, возрасна жена која без здив со трeперлив глас и со полуискината медицинска маска на себе си, на прашањето од новинарот каде сте се упатиле во ова време, брзо и загрижено одговори “работам во болница, морам да одам, сметаат на мене”.

Е врз овие луѓе се потпира нашиот систем, а не на совеста на политичарите кои раководат со земјата. Овие луѓе спасуваат животи, додека за вториве секогаш е неодминливиот впечаток дека само сакаат да ги спасат кариерите. А ова е најмалку битка за кариери, а најмногу е за спасување животи на луѓе. Секогаш стојат паралелите со другите земји, но дозволете да заклучам дека каменот највеќе си тежи на своето место и мене најмногу ме интересира здравјето на луѓето кои се тука со нас и на чии плеќи се носи оваа борба против пандемијата.

Мицкоски нагласува дека доаѓа времето и часот кога ќе мора да се соочиме со грешките кои се направија, без оглед дали се викала Цаца, некој административен чиновник во Охридската болница или Велешката, но делото на лекарите и сестрите кои голораки се борат против пандемијата не смее и не треба да се заборави.

И знам дека кај многумина од вас се јавува револт кога ќе чуете дека Владата донела одлука дека костумираните „контиња“ од СЈО ќе добијат баснословна сума на плати или некој несовесен градоначалник или министер потрошил на угостителски услуги или партиски времени вработувања во време кога за лекарите нема ни за маски, а за народот ни за тестови. Но верувајте, ја имате поддршката од народот, а се друго е минливо. Ако за тие работи не говориме толку гласно сега, не значи дека забораваме, а ќе дојде време и кога ќе се присетиме.

И кога сме кај тестовите против корона, иако министерот вели дека се е во ред, градоначалникот на Куманово вели дека не е. Иако сме од две различни политички опции, и имам сериозно поинакво мислење за многу теми поврзани со раководењето на општина Куманово, морам да кажам дека е во право човекот кога вели дека Куманово е препуштено самото на себе и дека нема тестови. Потребна е итна помош за Куманово и огромно внимание на Владата и министерството за здравство за надминување на кризата. Воедно она што јас можам да направам од мојата позиција е да ги повикам сите здравствени работници да се пријават во рамките на апелите за потребите на министерството и да ги дадат своите услуги на Кумановската болница и да помогнат најмногу што можат. Хуманоста мора да дојде до израз.

Тој им порача дека Докторите и сите здравствени работници треба да знаат дека не се сами.

Јас како лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжам да лобирам и барам помош која ќе значи подобра опрема за заштита на лекарите. И не само од Унгарија и Словенија, туку ќе го побарам секој број во мојот телефонски именик кој може да помогне и испорача помош за Македонија. Ќе продолжам да се борам со предлози кои ќе значат заштита на здравјето на граѓаните и спас од растечката сиромаштија на народот. И да, целосно свесен дека ќе бидам предмет на сериозен политички линч од Владата и нејзините платени структури, но целосно убеден и подготвен дека правам исправна работа за вистинските херои во оваа битка ќе продолжиме заедно да се бориме, и да, ќе победиме над пандемијата, заедно помагајќи си еден со друг.

Воедно веќе дадов насока до експертите со кој соработуваме да изработиме предлог законска уредба која ќе ја поднесеме до Владата преку нашиот технички министер за парична награда на здравствените работници за месеците март, април и мај. А многу скоро, во зависност на степенот на вклученост во борбата ќе предложиме слична и за припадниците на МВР и АРМ кој учествуваат во борбата против пандемијата. Овие луѓе се вложуваат себе си и ги ризикуваат животите и го заслужуваат ова. А воедно и порака до владата, да го донесеме ова заеднички, едногласно, Филипче за неговите колеги, Спасовски за нашите здравствени работници, сите заедно за оние кои даваат сè во оваа битка.

На крај во ова писмо сакам да ги споменам и новинарите, снимателите, фото репортерите кои неуморно се вложуваат себе си и си ја работат својата работа беспрекорно во едни тешки услови. Ви благодарам што и покрај сериозните предизвици одолевате и на притисоците и вистински ја информирате јавноста и го ризикувате вашето здравје.

И знам дека многумина од политичките конкуренти ќе бидат збунети, но треба да знаат дека има нешто што е над политиката, а тоа е здравјето на луѓето и нивните животи. Овде политиката е неважна, важно е да успееме.

Ви се поклонувам Вам јунаци! Ја имате мојата искрена благодарност. Вашето дело нема да биде заборавено.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.