Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоси заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски и меѓународниот секретар, Тимчо Муцунски оствари средба со европратениците од политичката група „Обнова на Европа“, Дачијан Чолош и Илхан Ќучук.

На средбата се разговарало за актуелните политички случувања во државата, проблемите со кои се соочува Република Македонија на патот кон ЕУ и европската перспектива.

Истакнав дека најсериозен проблем со кој се соочува нашата држава е високата корупција, притоа посочив низа на нерасчистени корупциски афери и скандали во кои се вмешани високи функционери на владеачката партија СДСМ, што пак претставува аргумент повеќе за противниците на проширувањето на Унијата. Им напоменав за насилното носење на Законот за јавно обвинителство кој треба да послужи за амнестија на криминалот на власта изминативе три години, објави Мицкоски.

Додаде дека со Чолош и Ќучуќ се согласиле дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.

Потенцирав дека по изборите на 12ти април новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се занимава со суштински реформи на полето на правосудството и има план како да ја стави нашата држава на брзата трака за членство во Европската Унија. Се согласивме дека фер и демократски изборен процес е клучен за иднината на државата и дека од особена важност е граѓаните слободно да можат да ја изразат својата волја, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.