Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ денеска им го честиташе 23 Мај, Националниот ден на Власите на сите граѓани на Република Македонија од влашката етничка заедница.

Власите се нераскинлив дел на македонската историја, сегашност и иднина. Со својот културен, општествен и политички придонес учествувале во изградбата на македонската државност и македонскиот општествен мултикултурен мозаик. Власите, влашкиот јазик и култура во Македонија биле и ќе останат важен сегмент на нашето заедничко битисување на овие простори, кој имаме обврска сите заедно да го негуваме, развиваме и почитуваме, вели Мицкоски во честитката.

Мицкоски во честитката вели дека Македонија има традиција на взаемна толеранција, разбирање и почит кон посебностите на сите граѓани низ вековите.

Ние тука во Македонија сме научиле да живееме не само еден покрај друг, туку еден со друг и заедно сме ги надминувале сите предизвици, а во исто време сме ја чувале и граделе татковината. Како што нашите дедовци и прадедовци заедно се бореле за слободата и независноста, имаме аманет таа борба да ја продолжиме, но овој пат за подобра иднина на нашите деца и внуци. Времињата се тешки, кризата, сиромаштијата, безперспективноста и апатичноста се големи, но тоа е мотив повеќе да се сплотиме и да работиме посилно ваквите проблеми да ги решаваме. Да се спротивставиме на криминалот и корупцијата како современо зло кое ја уништува државата, да се спротивставиме на распадот на системот и на вредностите кои заедно не поврзувале. Сите, без разлика на етничката, верската и политичката припадност, мора да оставиме придонес во таа наша борба. Само така ќе создадеме подобра перспектива за нас и за нашите идни поколенија, вели Мицкоски во честитката упатена со сите граѓани од влашката етничка заедница во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.