Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, на припадниците на ромската етничка заедница им го честитаа Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.

Дозволете ми, во мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, на сите припадници на ромската етничка заедница, да им го честитам Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април. Овој ден ја потврдува почитта на Ромската заедница и нивната култура. Почитувањето на културните вредности и меѓусебното разбирање кои се наша одлика за интегрирање на сите етнички заедници.

ВМРО-ДПМНЕ како во минатото така и во иднина ќе се залага за унапредување на политичката, културната и социо-економски позиција на Ромите во општество. Потребна е ефикасна инклузија на Ромите во Република Македонија за да се надминат предизвиците со кои тие се соочуваат.

Државата мора да се вложи себе си многу повеќе во поддршка на граѓаните.

Во овие тешки моменти за нашата земја посакувам добро здравје, надминување на предизвиците и подобар живот за Ромите и за сите граѓани на Република Македонија.

Нека Ви е честит 8 април – Меѓународниот ден на Ромите!, напиша во честитката лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Заев, пак, вели дека нашата држава е градена и продолжува да функционира на темелите на еднаквоста, заедништвото и меѓусебното почитување.

Ромите отсекогаш биле составен дел од тој концепт и тоа така ќе продолжи. Преку вистинските, исправните политики што ги преземаме денес во Република Северна Македонија, Ромите се целосно рамноправни со сите наши граѓани, ги уживаат сите права, го негуваат својот јазик, ја развиваат својата култура и традиција и активно учествуваат во креирањето успешни политики, преку нивните претставници во централната, извршната, но и локалната власт“, истакнува претседателот на СДСМ кој додава дека општеството е исправено пред уште предизвици, но како одговорна партија СДСМ останува доследна на концептот едно општество за сите.

Заев воедно апелира согласно ситуацијата со корнавирусот празнувањето на 8 Април годинава да биде во согласност со мерките и задолженијата што се на сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.