Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска и утре е во Загреб каде присуствува на самитот на Европската Народна Партија. Мицкоскии оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, односите помеѓу двете држави, но и Европската перспектива на Македонија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакна дека членството во Европската Унија е од стратешки интерес за Република Македонија и клучната стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи го ова во предвид тој посочи дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ после 12 април, темелно ќе работи на спроведување на структурни реформи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека Македонија се соочува со сериозни проблеми на поле на владеење на правото, висок степен на криминал и корупција во највисоките ешалони на власта како и неказнивоста при случаите на висока корупција. Притоа тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на реформи во правосудниот систем кои ќе го доведат македонското правосудство на ниво на европскиот стандард.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека е за продлабочена соработка базирана на рамноправни основи и взаемно почитување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.