Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува дека ќе почне собирањето пратенички и граѓански потписи за „отпис“ на донесениот закон за попис.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема со скрстени раце да го дочека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, откако и претседателот на државата, Стево Пендаровски, вчера го потпиша Указот за прогласување на тој Закон, по извршени консултации со правни експерти. Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата, коментира „Дојче Веле“.

И од ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за истото, но преку нов закон за попис. Од партијата порачаа дека за евентуалното прекинување на пописот, за неточни податоци и за евентуален фалсификат, што би предизвикало понатамошни поделби во општеството и непризнавање на пописните резултати, одговорноста ќе ја сносат премиерот Заев, министерот за правда, пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и неговиот заменик од ДУИ. Откако го потпиша указот за прогласување на законот, и претседателот Пендаровски беше посочен меѓу лицата кои ќе понесат одговорност за евентуално пропаѓање на пописот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.