Навистина жалам што трагедијата и фијаското што се случува со ширењето на заразата Зоран Заев ја сведува на обична дневнополитичка пресметка, во ситуација кога дневно се заболуваат над 50 луѓе, а бројката на починати расте, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но, додаде дека сепак сака да одговори на овие прозивки од СДСМ и нивниот лидер.

Мерките против корона кризата се укинаа по препорака на Комисијата за заразни болести водена од политичарот Караџовски, а одлуката е донесена од владата на Заев и Спасовски. Мнозинството во таа влада е на Зоран Заев и СДСМ.
Тие сакаат да претстават дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме власт само за да се амнестираат од сопствената одговорност за погрешните одлуки и проценки, вели Мицкоски.

Што се однесува до Наќе Чулев, додава, господине Заев бидете свесен дека со нападот кон него напаѓате над 10 илјади припадници на МВР кои овие месеци го ризикуваа животот во обезбедувањето на редот и мирот.

А Чулев е врвен професионалец кој работи согласно одлуки на Владата, спроведува закони и ги штити граѓаните. Вие треба да објасните зошто толку драматично го сменивте мислењето од 7 мај кога сакајќи да се додворите напишавте дека полицијата „покажа готовност, професионалност и пожртвуваност“.
Не го потценувајте народот, ваквото менување на реторика на 5 минути до 12 часот, претставува ново салто мортале на СДСМ. Добро знаеме што зборувавте вчера и колку само предупредував да не дојде до ова што го имаме денес, рече тој.

Мицкоски му порача на Заев дека здравјето е загрозено затоа што глумеа нормализација и се бореа за потесен пораз.

Сега треба да превземете одговорност и за последиците. Да ги вадиме ли пресовите кога велевте дека е под контрола работава? Слоганот ви е „нова нормалност”, а таа денес е 52 новозаболени и 5 починати, порача Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.