Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на Алсат М телевизија изјави дека доколку Зоран Заев барем малку добро и мисли на Македонија, треба веднаш да распише предвремени парламентарни избори, бидејќи државата оди во погрешна насока.

Лошо е во државата, лошо се живее, овој начин на функционирање е погрешен, ова што се случува и што е денес секојдневие мора да заврши со предвремени парламентарни избори. Тоа е добро не само за него, ако и мисли барем 1% од тоа што се декларира и го кажува во јавноста добро на државата, треба тоа да го направи заедно со коалицискиот партнер ДУИ, вели Мицкоски.

Тој посочи дека оваа ситуација е неодржлива и ги преминува сите нормални граници на една политичка нормала здрава средина и затоа Заев треба се одвои од обожавателите и од сите оние кои што секојдневно се околу него поради реализирање на сопствени и лични себични интереси и да размисли неколку часа што прави.

Затоа јас на една изјава пред еден или два дена кога беше онаа стенд ап претстава во владата на прашање на ваши колеги реков дека веднаш треба  да седнеме сите ние како политички лидери да ги организираме нашите пратенички групи и да повикаме на предвремени парламентарни избори, истакна Мицкоски. 

Мицкоски уште еднаш го повика Заев неколку часа да помине сам и да подразмисли што прави, иднината на државата е во прашање, ако ние продолжиме вака да функционираме тогаш каде ќе ни биде крајот.

Јас  кажав и во една моја колумна дека на глупоста ѝ нема крај. Ако ние продолжиме вака да функционираме тогаш каде ќе ни биде крајот. Кога човек мисли дека го допревме дното, гледам сум бил песимист, овие луѓе се подготвени да копаат подлабоко уште повеќе, потенцираше Мицкоски.

Тој вели дека за Заев треба да се тргне на момент од обожавателите и тие кои го убедуваат да нема предвремени избори затоа што имаат недовршени бизнис или пак камионите им се ваму, плантажите со марихуана таму или пак не им се дособрани процентите од некои луѓе.

Затоа апелираме уште некое време за разум, да се седне да се повикаат пратеничките групи, да се поразговара во Собранието, да се организираат предвремени парламентарни избори, граѓаните нека одлучат дали овие политики на политичари, вакви какви што се уценети,корумпирани, помалку или повеќе исмеани во јавноста ќе ја добијат поддршката на граѓаните или ќе дојде некоја нова генерација политичари во Република Македонија, изјави Мицкоски. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.