Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Хрстијан Мицкоски, на протестото по повод 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба истакна дека македонскиот народ мора да постигне единство кога станува збор за клучните прашања, да покаже морал и црвени линии кои заеднички ќе ги брани.

Многу важно, повторувам многу важно е да се постигне македонско национално единство. Да не се расеменуваме ниту делиме затоа што сме и вака и расеменети, и поделени. Мора за клучните прашања да покажеме единство, да покажеме морал и црвена линија која заеднички ќе ја браниме. Рамо до рамо еден до друг. Никој нема добро од тоа да бидеме понижени дури и оние кои во замена за пари и фотелји мислат дека така ќе им биде подобро. Нема да им биде подобро зошто нивните деца а и тие самите ќе бидат дел од асимилирана и понижена земја. Тоа не смееме и нема да го дозволиме. Тоа им го должиме на генерациите после нас а тоа им го должиме и на генерациите пред нас кои што се изборија за оваа држава – истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека 127 години од почетокот на ВМРО, значи истрајност, мудрост, храброст но и континуитет. Како што истакна Мицкоски, сите тие херои, не би биле тоа доколку се повлекле или потклекнале. Нивната коравост ги направила беспрмтни исто како што е бесмртна и Македонија.

Тие се бореа за држава, ние ќе се бориме за повеќе слобода и правда и да си ја сочуваме  државата која што тие ни ја оставија во наследство. Почитувани присутни почитувани граѓани сопартијци обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да не ги разочара тие идеали, но и да донесе иднина за секој еден човек. Нашата иднина е во ЕУ, и знаеме дека оваа власт е најмалку европска. Зошто? Затоа што ги видовме како крадат пари од ЕУ, и како панамски пари завршуваат со бизнис зделки со антинато бизнисмени во Тетово, но затоа ќе ја направиме разликата и ќе ја придвижиме интеграцијата. На Македонија и требаат стратешки пријателства со нашите стратешки партнери, а не стратешки предавства за лични интереси на политичарите на власт.

 

Ќе се борам во името на оваа моја генерација да докажам дека во политиката може поинаку од се што досега сте виделе. Мораме да станеме бранители на моралот и етиката во политиката а не тоа да биде срам туку да биде гордост, и тоа не е апстракција туку вистинска вредност. Мораме да докажеме дека мафијата е мафија затоа што има чесни луѓе кои се борат против нејзе. И дека таквите не се малцинство кое молчи туку мнозинство кое ќе стане гласно.

 

Мораме да се бориме за силна економија. За конкурентност во Економијата. Немаме повеќе генерации за губење ниту авиони за праќаме млади луѓе на печалба. Тука да ја создаваме иднината. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако тука ја донесеме Европа. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако ги вратиме сите оние млади луѓе наши сонародници кои што ја напуштија својата држава. Ја задолжија државата цели 2 милијарди евра од кој една милијарда откога е ковид кризата. Сите запрашајте се што ново изградија? Затоа треба промена. Ќе докажеме дека ја сакаме Македонија повеќе ако покажеме дека има чест, морал и кичма во политиката. Сите ние ќе ја сакаме повеќе Македонија ако докажеме дека наместо занимавање со проценти во администрацијата ќе се бориме за квалитет на кадрите. За повеќе достоинство и чесност во судиите кои ќе носат правда за обичниот народ – порача Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.