Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од Вевчани истакна дека на граѓаните им се случува инфлација, додавајќи дека покрај пораст на цените на горивата, маслото, шеќерот, брашното се очекува силна енергетска криза, а како што вели тој, владата покажала дека не умее да се справи со проблемите и токму поради тоа се потребни промени.

На народот му се случува инфлација. И не е само порастот на цените на горивата, маслото, шеќерот, брашното, туку не чека и силна енергетска криза за која доколку не се преземат навремени мерки можни се рестрикции и покачувања на цената на струјата. Тие се толку отсутни од реалноста што чекаат повторно да дојдеме до голем тресок за да потоа се растрчаат и започнат да обвинуваат други за кризата која што ним им се случува, а од кој жртва е народот. Ако дојде до такви големи шокови, ќе дојде до уште поголема сиромаштија од таа што е до сега. Владата покажа дека не умее да се справува со проблемите, и затоа потребни се сериозни промени, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше и за скандалот кој што денеска ВМРО-ДПМНЕ го обелодени а тоа е дека полицијата на Оливер Спасовски преку злосторничко здружување вршеле притисоци и малтретирање на народот а со тоа извршиле тешко кривично дело, порачувајќи дека ако народот одлучи да излезе и да гласа и да даде доверба, тогаш полицијата на Спасовски, заканите и поткупот на Заев и обвинителството на Русковска не може да го спасат, бидејќи народот е газда на оваа земја.

Наместо да решаваат вистински проблеми, гледаме дека тие се занимаваат со притисоци, прогон и малтретирање на опозицијата. Тоа го покажува и случајот кој денес го објавивме каде се гледа комуникација помеѓу полицајци блиски до нив, кои направиле злосторничко здружување за да следат, пишуваат казни на народот, малтретираат и заплашуваат. Оној дел од полицијата на Спасовски и Заев кои решиле пред народот да ја стават партијата на власт извршиле тешко кривично дело, директно потврдувајќи зошто земјава е прогласена за хибриден режим. Случајот за кој ви го раскажувам се случи во Прилеп, и ете одговорот за ова го добија, во првиот круг од изборите. Победа на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп и народот над бандитизмот и злоупотребите со повеќе од 7 ипол илјади гласови разлика. Така беше и во останатите 22 општини во Македонија во првиот круг, кога народот гласаше и покрај притисоците, и покрај заканите, и покрај уцените, и покрај поткупот не можат против народот. Ако народот одлучи да гласа и да даде доверба не може полицијата на Спасовски, заканите и поткупот на Заев и обвинителството на Русковска да го спасат. Народот е газда на оваа земја, истакна тој.

Мицкоски ги повика граѓаните на обединување, нагласувајќи дека позади параванот се сами и сами одлучуваат, истакнувајќи дека овие избори се борба на народот против аздисана, корумпирана, арогантна и неспособна власт на СДСМ и Заев.

Немојте да заборавите дека позади параванот сте сами, вие и вашиот глас. Вие и вашата волја да ги промените работите. Промените започнаа, тогаш ајде да ги финишираме со голема победа во недела на народот на Македонија. Затоа и повикувам на обединување против оваа власт. Ова е наша заедничка борба. Ова е борба на народот против оваа аздисана, корумпирана, арогантна и неспособна власт, повика Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.