Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска во изјава одговарајќи на новинарско прашање рече дека власта катастрофално се справила со Ковид кризата и поради тоа стапката на смртност е огромна, потенцирајќи дека со смена на власта може да се промени и начинот на кој се управува со кризата.

Катастрофално. Катастрофално и тоа сум го коментирал во многу наврати во минатото, така ќе кажам и сега сето она на кое што апелиравме, за жал не, не послушаа и сега ние ја живееме оваа реалност каде што сме трети според смртноста во светот, повеќе од 7.000 луѓе за жал го загубија својот живот. Но, она што е по алармантно има еден податок кој што вели дека 60тина проценти од луѓето кои што биле хоспитализирани завршиле фатално. Таквата бројка и таквиот просек во светот е околу 10 проценти и тоа не е поради тоа што медицинскиот персонал не одговорил соодветно, напротив тие луѓе дадоа повеќе од максимум имајќи ги во предвид околностите, и имајќи ги во предвид ресурсите кои што ги имаат на располагање, туку ова е исклучиво последица поради погрешното менаџирање од страна на надлежните во Министерството за здравство и во владата на здравствениот систем. Затоа апелирам и до нив, но апелирам и до сите оние кои што се уште остануваат лојални на тие луѓе да бидат свесни дека веднаш после 31ви октомври, ќе дојдат луѓе кои што се компетентни и кои што ќе работат за иднината на Македонија, луѓе кои што ќе знаат да се справат со сето она кое што тие за жал ќе го остават, а е погрешно и сето она кое што го работеа до сега, а е погрешно – објасни Мицкоски.

Така што, таква ни е состојбата, јас од оваа влада буквално и од овие надлежни лица во Министерството за здравство не очекувам ништо. За жал многумина од нас и наши сограѓани ова го платија со својот живот и завршија фатално, вели Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.