Мицкоски: Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму

Македонија 09.05.2021 / 15:29

Во денешното свое обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи за Денот на Европа подвлече дека денеска требаше да биде третата година откако Заев го прослави добивањето на датум и почеток на преговори, потсетувајќи на фотографијата од владиниот авион.

Обвини дека 4 години власта не мрднала ниту милиметар напред. Дека Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. На потпишаниот договор со Бугарија, но дека од Европа сме добиле само тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ.

-Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме. Во 21 век, ние денеска според Заев за да почнеме преговори, треба да решаваме прашања од 19 век. Да бркаме по нашите корени и да ја чепкаме крвта и коските на оние кои животот го положија за независна и суверена Македонија. Дали тоа е реалноста во која сакаме да живееме, каква е оваа наша денешна сурова реалност. Оваа сурова реалност е по тоа што требаше да бидеме барем први според бројот на вакцините, а ние денеска сме последни, рече Мицкоски во обраќањето.

Мицкоски рече дека Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна. Затоа што, додава тој, нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашкоски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае.

-Точно е тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира околку обезбедувањето на нашата иднина. И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму за да ја добие заслужената правда, а да ја добијат и сите оние кои што се неправедно обвинети и неправедно осудени од ова обвинителство и судство кое е под целосна чизма на власта на Зоран Заев, истакна Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.