Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од партиското седиште повика на сенароден протест кој ќе се случи утре во 19 часот на платото пред Владата, за, како што кажа, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.

ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за протести. Повикувам на сенароден протест. Го повикувам цел народ од цела Македонија, но и однадвор, да се приклучи и да застане до нас и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори, рече Мицкоски.

Коментирајќи го модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече дека според предлогот, земјава нема да го отвори првиот кластер „фундаменталс“ се додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.

Нема да имаме почеток и отворање на кластерот се додека не се случат уставните измени. На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источни сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата ,културата, се што треба да се направи како измена во нашите учебници, појасни Мицкоски.

Сето она што го вели Ковачевски, додава тој, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.

Ваков ултиматум за Макакедонија – не благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде глаен, јасен, да се заземе вистинска страна. Странаната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа, рече Мицкоски.

Со жалење морам да констатирам, истакна тој, дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.

Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот дикатат или нема европска иднина. Прифаќање дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и останатите херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Владата, како Ковачевкси, Османи и Маричиќ, ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име,не ја говори вистината или да бидам подиректен ве лаже. Затоа, имаме два документи, два процеси, сменети зборчиња, семантичка инверзија, кои Владата ни ги кажува како успех, изјави Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.