Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва беше во посета на општина Ѓорче Петров во рамките на програмата Разговори за обнова на Македонија. На ѓорчепетровци во својата матична општина Мицкоски им порача дека веќе ситно се одбројува до крајот на премиерскиот мандат на Зоран Заев.

Уште 4 месеци до крајот на оваа влада, и уште 29 дена Заев премиер. Денес сум овде во Ѓорче и јас за разлика од Заев знам како живеат овие луѓе и затоа тргнавме во поход кој ќе значи обнова и промени. Денес Заев рече дека дошол од Бакингамската палата директно во Волково, но онаа повозрасна женичка која си ја кажа маката за тоа дека нема канализација во 21 век го тресна во реалноста. И се покажа дека вистината не се оние розови очила кои ни ги нудат од удобните фотелји од владата, туку тука меѓу народот. А уште поголем тресок и средба со реалноста ќе има на 3 јануари, а најголемиот следи на 12 април кога народот ќе го испрати во политичка пензија. А потоа следува одговорност. Денес најголем проблем и пречка на правдата е Зоран Заев, порача Мицкоски. 

Тој потсети дека за кус период неколку работи го извадија Заев на чистина и се покажа дека не ја говори вистината.

Првиот беше кога недела дена говореа за автенично толкување на член на амнестијата и повици ние да ја прифатиме за да на крајот нивните пратеници не го прифатат. Притоа нема ниту збор и има целосен молк за нашите предлози да нема амнестија за политичари, и амнестирани лица да не може да се занимаваат со политика.

Вториот пат излезе на чистина манипулацијата на Заев кога молчи за предлогот за проверка на имот на политичари. Очигледно е нервозен и исплашен.

Третиот пат е кога не прифатија идеја за кандидат мандатар зошто планира по поразот на изборите да се крие позади пратеничкиот имунитет.

И четвртиот пат го видовте денес, кога призна дека се плаши од народот и без оправдана причина не сака да се усвои протокол за влез во НАТО за да може потоа тоа да го користи за изговор за одложување на изборите. Имаме премиер кој стана фабрика за лажни вести, какви ќе слушаме се почесто, затоа што нервозата е огромна во владините кругови. Доаѓа обновата, народот ќе се избори за промени и нова надеж, рече Мицкоски.

Тој во рамки на кампањата „Обнова на Македонија“ оствари средби и разговори со голем број на граѓани.

На граѓаните ќе им порачам  дека и покрај сите овие порази, неуспеси што се случуваат во овие три години од власт Зоран Заев и СДСМ, го гледавте вчера како шета и гази дебели, црвени персијански килими во Бакингемска палата и се симна овдека во реалноста, во Волково каде што уште еднашка се обиде да ги изманипулира и лаже жителите на Ѓорче Петров, на Скопје, на Македонија дека еве они работеле, они блескале, ќе се изречам со речникот на Зоран Заев. Но за жал реалноста не е како што се оние црвени дебели персиски килими во Бакингемска палата, туку овдека луѓето живеат, мизеруваат и во 21 век ги немаат основните услови за живот, немаат канализација, немаат пристојно снабдување со вода до своите домови, така што можеше да ја види реалноста која што ќе ја остави позади себе на 12 април.

Но ќе повторам ВМРО-ДПМНЕ е тука, ВМРО-ДПМНЕ е тука да ги охрабри граѓаните да не ја губат надежта, да не ја губат вербата затоа што најдобрите времиња за Македонија и за граѓаните на Македонија допрва доаѓаат. Она кое што можам да го ветам не само овде во Ѓорче, туку секаде онаму каде што ги посетивме оние градови, села за време на овие теренски активности под мотото „Обнова на Македонија“ е дека ВМРО-ДПМНЕ има план, ВМРО-ДПМНЕ знае каде ќе оди Македонија во следните години и ВМРО-ДПМНЕ знае да направи успешна Македонија, затоа ве молам не ја губете надежта, ова несреќна епизода наречена СДСМ и Зоран Заев завршува на 12 април 2020, најдоброто допрва доаѓа за Македонија и граѓаните на  Македонија, порача Мицкоски.

За жал денешната реалност кај овие политичари кај владата е малку поинаква. Сосема различна од онаа којашто ние ја гледаме на булеварите, на улиците. Онаа реалност којашто ја слушаат нашите сограѓани таа е тешка, мачна, сиромашна, полна со разочарувања. Луѓе коишто не веруваат дека ќе имаат иднина во оваа држава, луѓе коишто се разочарани и луѓе коишто практично едвај крај со крај крпат да го поминат месецот. За жал овие наши елитисти, деспоти коишто се во Владата денеска ги слушнавме како велат дека директно од црвените килими од Бакингемска палата дојдоа овдека во Волково за да ги гледаат Ѓорчепетровци очи во очи и да ги лажат. Ги гледаме како се караше премиерот заедно со градоначалникот и се натпреваруваа кој повеќе ќе излаже дека изградиле канализација, дека изградиле тротоари, дека поплочиле улици, а во суштина видовме дека тоа е една голема, шарена лага. Мислам јас не очекувам ништо поразлично од Зоран Заев, ниту пак од овој кафанџија овдека наречен градоначалник во Ѓорче Петров. Не очекувам ништо поразлично од тоа, отколку да кажат уште една шарена лага, претпоставувам со алкохол во крвта под нула промили. Затоа што ако е малку повеќе ќе се изнаслушавме уште повеќе нешта плус кое што ќе беше потрагично и посмешно.

Ние денеска ја бараме довербата и ќе продолжиме да ја бараме се до 12 април, е тогаш овој мудар народ позади кутијата ќе им одговори дали лажливо блескаме како што денеска тоа го кажуваа овде во Ѓорче, во Волково, или пак ќе ги блесне казната од народот така силно што ќе им требаат години да се соземат од тоа што ги снашло, рече Мицкоски.

Никој од вас не ги тераше да ветуваат студентски градови и реновирани студентски домови, образование кое што младите луѓе ќе го добиеле како нивните врсници во Европа и во развиениот свет, па таа младинска гаранција. Па дополнителни стимулации за младите земјоделци и што ли уште не. Лага, до лага. Таква е денеска реалноста нема ниту студентски град, ниту реновирани студентски домови, за квалитетно образование ниту станува збор, ниту пак некој сака или има абер да се позанимава со таа тема. Гледаме како тонеме на сите светски ранг листи, а младите ги полнат куферите и трајно ја напуштаат нашата држава. Пет од десет мои дипломци веднаш по дипломирањето разочарани од безперспективноста што ја има тука во Македонија одлучуваат да ја напуштат Македонија. Пет од десет. А, другите пет полека порано или подоцна истиот тој чекор го преземаат. Тоа е таа трагедија денеска која што и се случува на Македонија. Селата веќе не се празни, тоа е стара приказна, денес градовите се празни. Мојата генерација оние околу 40-тина години кога се собираме еднаш годишно да ја прославиме матурата се броиме на прсти. А, бевме 39 одлични, од кои што 345 беа скроз одлични. Денеска се наоѓаат по универзитети во светот, по фабриките, по адвокатските канцеларии. Се броиме на прсти кога еднаш годишно ќе се собереме да ја прославиме матурата. Се сеќавате на оние чевли кои што ги редеа пред владата, па велеа само што не се променила власта и ние ќе ги донесеме вашите деца овде во Македонија. Денеска таа редица и таа бројка е најмалку 5 пати поголема од таа што тие ја редеа.

Излегуваат статистики на светските листи, 2018-тата година е рекордна година на иселување на граѓани од Македонија, повеќе од 33.000 наши сограѓани трајно ја напуштија Македонија. Зошто? Затоа што нема перспектива, затоа што се разочарани, затоа што се исплашени за иднината на нивните семејства, на нивните најмили, на нивните дечиња, внуци. Тоа е главниот проблем. Сето останата тие можат да го истрпат, но не можат да ги истрпат лажливите политичари што доаѓаат од редот на СДСМ, не можат да го истрпат повеќе Зоран Заев затоа што знаат дека што ќе каже е практично спротивно на вистината. Се е тоа невистина, не сакам да кажам лага, недостоинствено е тоа да се зборува затоа што тој човек не бираше зборови и ветувања само за да дојде до фотелјата за да може своето криминално минато да го избрише, за да може да биде повторно амнестиран за случајот „Поткуп“ кој што цела држава и меѓународна заедница гледаше како бара мито за работа која што како градоначалник мора да заврши, и што сега ќе ме убедува дека бил невин, дека тоа што сме го гледале – не сме го гледале, тоа што сме го слушале- не сме го слушале. Еднаш криминалец- цел живот криминалец, ама криминалот ќе биде поразен на 12 април 2020, јас ви ветувам, рече тој.

Им ветуваа на пензионерите секоја година по 10% дека ќе ја зголемувале пензијата, потсети Мицкоски.

Прво што направија ги намалија пензиите и им скратија само во последните две години по 1400-1500 денари месечно, за да го видиме Зоран Заев како го зграбил листот хартија со буџетот, на народот буџетот, вие го полните тој буџет, не они. И да им рече тоа што ви земавме – ви земавме, ама сега од јануари ќе ви дадеме 700 денари, а оваа година ќе ви ги покачиме пензиите онаму малкумина кои ќе го доживеат тоа за цели 36 денари, а најголемиот дел ќе добијат помали пензии. Но, не се пензионерите наивни луѓе, тие се мудри и искусни луѓе коишто поминале се, поминале низ нивните раце многу такви измамници како Зоран Заев, знаат да оценат тие луѓе, какви се тие карактери и својот конечен збор ќе го кажат на 12 април 2020, заедно со граѓаните на Република Македонија.

Се осврна и на автентичното толкување на членот 11 од Законот за помилување, за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со закон задолжително да се испитува потеклото на имотот на политичарите, но и на предлогот за кандидат за мандатар.

Цела недела ја малтретираа македонската јавност каде бил ВМРО-ДПМНЕ, каде бил Христијан, да се произнесе за автентичното толкување за амнестијата. Еве се произнесовме, го кажавме нашиот став и што се случи. Самите тие тоа што го поднесоа, тоа што Зоран Заев го поддржа не го  гласаа во парламентот, знаете ли зошто? Затоа што тоа беше измислен случај за да се доисплатат стари долгови за ова насилие што се случуваше во парламентот, за да се остави можност Пендаровски Стево после 13 Април да ги амнестира криминалиите на овие што денеска се наоѓаат во „Илинденска“ бр.2. Затоа не го гласаа и затоа оставија простор да не биде изгласано тоа автентично толкување.

Ајде зошто до сега се кријат и ги нема, молчат а крената глава и да одговорат  на барањето на ВМРО-ДПМНЕ, принципиелно барање пред македонскиот народ, пред македонските граѓани.

Ајде политичари кои биле предмет на  амнестија д заборават на политика, да заминат од политиката и да не се занимаваат повеќе со политика. Зашто се кријат? Ќе ви одговорам, многу едноставно, сетете се на „Глобал“ сетете се на тој мултимилионерски скандал кој што се случуваше кога Зоран Заев беше аболиран, затоа што знае дека ако го прифати ова наше принципиелно барање коешто се темели на вредности тој ќе мора да замине од политиката, а со сопственото заминување ќе треба да понесе и одговорност за сето она што и го направи на Македонија, но и што и ја направи на неговата родена Струмица. Ќе треба да се сети и на идеите на Пецев, на Белев, на Јаремов, на Топчев и на Костуранов. Тие имаа поинаква визија и сон за нашата Македонија. Тие се неговите сограѓани затоа што тогаш тој ќе биде срам спореден со неговите сограѓани што и направи на Струмица и што денеска  и прави на Македонија.

Но, ќе го потсетам ти само монтирај, измислувај, праќај од оние слуги да ги малтретираат активистите, членовите на ВМРО-ДПМНЕ, да носат маски бидејќи се кукавици и да се покажат д ги видиме очи во очи, повеќемина на еден да напаѓаат, ти само праќај ги, ќе те издржиме и тебе и нив, ама треба да си свесен дека од 13 април 2020 редот е на тебе и  на тие малкумина слуги кои што ти слугуваат, тогаш ќе треба ти да издржиш.

Ајде заедно да донесеме закон во парламентот каде што ќе се испита потеклото на имот на сите политичари, и еве јас се пријавувам како прв доброволец, да бидам, од мене да почнат. Ајде да почнеме да видиме кој од политичарите и како го стекнал сопствениот имот. Да видиме кои семејства стократно или илјадакратно во рок од неколку години го имаат зголемено својот имот, да видиме врз основа на што го зголемиле својот имот, еве јас да бидат првиот како пример и моето семејство.

Нормално дека нема одговор, затоа што знаат дека не се чисти, затоа што знаат дека така брзо и така многу не се стекнува имот со чесна и честита работа, туку со работи кои што се се, само не се чесни и честити.

Потоа рековме  ајде да видиме да изгласаме во парламентот измени во изборниот законик каде што покрај 6те носители, ќе имаме и кандидат за мандатар  по принципот на европските демократи. Тој што ќе биде кандидат за мандатар да не биде кандидат за пратеник, победуваш на избори- формираш влада, поразен си на избори од народот, заминуваш од политика. Не, да се криеш во пратеничкиот мандат и со пратеничкиот имунитет, излези- барај ја довербата од граѓаните, ако победиш-мандатар си, ако загубиш заминуваш во политичка пензија.

Го нема да каже, нема да одговори позитивно затоа што знае, свесен е дека губи, знае и свесен е дек катастрофално губи на 12 Април и знае дека потоа следува одговорност и сака да се крие позади пратеничкиот мандат и имунитет, го нема да излезе, да не погледне нас граѓаните очи во очи и да каже да прифаќам фрлената ракавица, па нели блескаме, нели е сигурен дека ќе победел од 60 до 100 илјади разлика. Па јас да сум сигурен толку, еве јас ја прифаќам таа фрлена ракавица да изгласаме и да не бидеме на пратеничките листи да не бараме имунитет и заштита во мандатот. Кој победува формира влада, кој губи заминува во политичка пензија. Четвртото барање кое што му го упативме нему и на СДСМ а ги гледаме молчат, бегаат се препелкаат  уплашени се, ги нема никаде, а тоа беше барањето за предвремена ратификација на протоколот за приклучување на Македонија во НАТО Алијансата. Не затоа што сакаме да одиме пред време туку затоа што сакаме на Зоран Заев да му покажеме и докажеме какви европски вредности вистински споделува ВМРО ДПМНЕ, за да му покажеме дека нема алиби да се препелка и да ја лаже македонската јавност дека наводно ќе задоцнело ратификувањето на протоколот и затоа ќе морал да ги одложи изборите.

Ајде поддржи ја господнине Заев иницијативата на 31 пратеник од парламентот подржана од неколку опозициони други политички  партии и предвремено да го изгласаме протоколот и да немаш алиби за дополнително одложување и соочување со граѓаните да си остане 12 aприл денот на почетокот на крајот на твојата политичка кариера.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.