Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Аеродром изјави дека СДСМ и Беса подготвуваат федерализација на Македонија.

На маса е Македонија, да не биде дека не е споменато пред време затоа што првиот чекор е федерализација, вториот чекор е конечно уништување на Македонија и секој оној кој ќе излезе на 15 јули и ќе заокружи пред името на Никола Димитров и за волјата на СДСМ и Беса треба да е свесен дека заокружува за уништување на Македонија – рече Мицкоски.

Тој пред граѓаните од Аеродром потсети на тоа кога СДСМ ја имаат можноста да владеат, да управуваат во Владата и дека нивната матрица се темели на три чекори, дополнително уште еден ако успеат.

Ќе дојдат овде ќе застанат со раката на срце и ќе ви зборат за жицата, за семето, ќе кажат многу невистини мислејќи дека на тој начин ќе ја добијат довербата од граѓаните. И доколку ја добијат довербата од граѓаните доаѓа вториот чекор, а тоа е национален срам и третиот чекор пљачкање и криминал и четвртиот е заробено судство за да може да се пресметаат со политичкиот противник или пак да се амнестираат за некој криминал, кажа Мицкоски.

Лидерот Мицкоски укажа дека СДСМ ќе ги убедуваат граѓаните дека можеа, можеа многу да направат, но не успееја. Имено тој порача дека наместо да уживаат во привелегиите платени со народни пари, да направат многу за овој народ, можеа и ФБ и Гугл и оној гигант во автомобилската индустрија  да ги донесат, само требаше да работат, но тие ниту знаат, ниту сакаат да работат.

Сетете се на правдата. Од правдата успеја сето она кое го ветуваа да го спакуваат во она Луј Витон куферче, да донесат некоја трас- трас одлука, а мирот да го претворат во немир. Немир во душата на родителите на оние дечиња кои грозоморно го загубија својот живот на Смилковско. Во 2016 година им велеше дека ќе ја дознаеле вистината за тој грозоморен чин, а прво кога имаше можност ги ослободи сторителите од затвор. Денес има патриоти кои лежат 15-17 години во затвор затоа што си ја сакале Македонија. Јас се обврзувам дека правда мора да има и мора од некаде да почнеме. Јас ви ветувам дека никој повеќе нема да владее во Македонија, дека тој кој ќе ја има честа да управува со Владата ќе работи исклучи за народот и за волјата на народот. Мораме да покажеме дека ќе биде поинаку се и дека сме поразлични, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори излегува со понуда содржана во 360 страни наречена Проект „Обнова“ и таму има буквално за секој еден граѓанин односно таму може да се најдат  повеќе од 1000 проекти односно како да се дојде до 25% повисока просечна плата во еден мандат, како да се дојде до 20% повисоки пензии и враќање назад на старото законско решение кога пензиите два пати годишно растеа, како до 1000 километри нови реконструирани локални и регионални патни правци, како до најнизок данок од 8% и уште многу други проекти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.