Она што можам да го заклучам е дека мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок логичен след на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентрани избори, нагласи лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска по лидерската средба во Собранието.

Тој ја критикуваше власта за она што се разговарало на лидерската средба. Истакна дека наместо за реалните проблеми со кои во моментов се соочуваат граѓаните, тие разговарале за отворање на Уставот и бараните уставни измени.

Најпрвин жалиме што кај Владата и кај мнозинството нема доволно слух за реалните проблеми на граѓаните, па на оваа средба не се разговараше на пример за денешниот податок кој што излезе, а тоа е 20 проценти инфлација или пак за 31 отсто зголемени цени за храната и безалкохолните пијалоци. Тоа се оние реални за кои што треба да се разговара на едни вакви средби на кои што се политичари кои што носат одговорност и кои што треба да им помогнат на граѓаните и да разговараат за тие теми. За жал денеска мнозинството ја пропушти оваа можност и бидејќи ја пропушти оваа можност единствената тема која што беше во нивен фокус е тоа што нив ги интересира за дефокус на ова се каде што се тие неуспешни, а тоа е таканаречените уставни измени под превезот на некаква си европска иднина која што многупати во минатото самите тие ја погазија, нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека констатирале оти ова е задоцнета средба и порача дела консензус, консултации со парламентарни политички партии, се прави пред да се носат одлуки. Вака, како што рече Мицкоски, пост фестум консултации се непотребни, фрустираат и само за да не бидеме прогласени како коалиција која што, еве е антидржавна, неконструктивна и е спротивна на иднината на државата.

За тоа се одваживме и дојдовме денеска, свесни при тоа дека можеби нема да разговараме за она што ги мачи граѓаните и дека нема да има никаков резултат од денешните средби, иако, морам да кажам дека помалку комично делуваше еден документ кој што беше поделен на крајот од средбата, кој што требаше да бидат некакви си заклучоци кој што го одбивме и воопшто не сакаме ни да го коментираме, бидејќи самото тоа не е европски чекор, еве ви заклучоци да се сложиме и да ги усвоиме овие заклучоци, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека го поддржал предложениот заклучок што го изнел на средбата пратеникот и претседател на Демократски Сојуз, Павле Трајанов да се побара од бугарската Влада да го признае македонското малцинство во Бугарија и при тоа, да ги признае правата кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

Јас лично го поддржав овој заклучок и жалам што останатите кои што се дел од владиното мнозинство не успеаја да се надминат и да го поддржат овој заклучок и да излеземе со еден заклучок еден заеднички и да ги поддржиме нашинците од тој дел на границата. Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ го поддржа пратеникот Павле Трајанов и претседател на Демократски сојуз, но очигледно дека во владиното мнозинство немаше слух за такво нешто, истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.