Предвремени избори или пак реконструкција на Владата – што и да ветил Заев, опозицијата не верува во неговиот збор.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека е беспредметно во моментов да се зборува за ветувања кои разочаруваат, туку јавноста треба да се насочи кон реалноста и кон тоа како стојат работите во моментов. А се сеќавате на ветувањето од лани, од селфито во авион, од прославата. Бевме во посета на Берлин пред недела-две и констатиравме дека за нашата земја летово ќе нема датум за преговори. А молевме и јас лично и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ да не го казнуваат народот поради неспособноста на оваа корумпирана влада, рече Мицкоски, кој вечерва гостува во Отворено на Алфа.

Мицкоски со жалење констатира дека ниту ВМРО-ДПМНЕ не успеала да ги убеди властите во Германија да доделат датум за преговори.

Поразот на политиката на Зоран Заев не доведе во ваква положба и денес да добиеме подгревање на очекувањата – немало да биде летово, но септември-октомври, крајно било, работата била завршена. Повторно се греши. Не треба со ПР-алатки да се убедува народот, кој и онака не му верува на Зоран Заев, рече Мицкоски.

Тој повторно ѝ го понуди на Владата сиот капацитет личен и на партијата за да се надминат на сите пречки кои ѝ стојат на патот на Република Македонија и во октомври да добиеме датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Потребно е да се работи. Овој потенцијал кој што го има Зоран Заев видовме до каде не донесе. Повторно ќе кажам потребна е работа и потребно е да работиме за да може да сработиме за иднината на државата, вели Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.