Ставот на партијата ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање на францускиот предлог за решавање на бугарско-македонскиот спор го поддржаа голем број на граѓани на секојдневните протести во Скопје и ширум државата, МАНУ, но и поединечни членови на владеачката коалиција. Во што е најголемиот проблем во ова француско решение?, го праша „Политика“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Сенародните масовни протести во Македонија добиваат поддршка не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од интелектуалци, експерти за евроинтегративни прашања, но и од подржувачи на вледеачките партиии коишто сметаат дека овој предлог не нуди почеток на македонските евроинтеграции, туку напротив отвора бесконечни преговори или асимилација по бугарски диктат. Во Бугарија ликуваат дека овој предлог ги содржи сите нивни барања кои се крајно неповолни за Македонија и тежнеат кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и историја. Ако ја погледнеме рамката за преговори која и се нуди на Македонија ќе видите дека се разликува  од преговарачката рамка која е дадена на било која друга земја која била кандидат за членство. Внесен е билатерален проблем како дел од преговорите, а решавањето е можно само со прифаќање на бугарскиот диктат. Вториот преседан е почнувањето на суштинските преговори и отворање на поглавја, кои ќе започнат со промената на Уставот на Македонија. Овде повторно имаме уцена, ултиматум или диктат. Ако на ова се додаде и едностраната декларација на Бугарија, со која директно се негира посебноста на македонскиот јазик и се нотира дека македонскиот јазик е бугарски дијалект- очигледно е во каква позиција се наоѓа Македонија, која нема никаква гаранција од ЕУ за европска перспектива . После сите голготи кои ги помина, македонскиот народ не може да се согласи со овој предлог.

По состанокот со премиерот Ковачевски изјавивте дека не сте запознати со содржината на некои документи кои што ги предлага ЕУ, за решавање на овој билатерален спор со Бугарија. Зошто овој процес се води нетранспарентно?

Мицкоски: Граѓаните, како и ВМРО-ДПМНЕ  бевме изманипулирани од страна на Владата дека некаков предлог е одбиен, за после да се испостави дека истиот предлог со незначителни и козметички измени е прифатен.  Јавноста никогаш не виде што е одбиено, па не може да знае што е модифицирано. Владата под притисок на јавноста потоа дозволи увид на два од три документи кој што се дел од овој пакет со наметнати решенија. До  сега никој од јавноста во Македонија, Собранието, експертите, опозицијата, па дури ни помалите коалициски партнери на СДСМ, официјално не видел што содржи третиот документ, наречен Протокол, а тој е клучен. Тој е документ кој што ќе ги диктира преговорите и кој ќе даде дополнителна легална рамка на бугарските барања. Него треба да го потпишат владите на Бугарија и на Македонија и во него ќе бидат содржани практично сите барања на Бугарија. Тоа, да речеме, подразбира измена на учебниците во делот на историски личности и настани во Македонија. Доколку Комисијата за историски прашања помеѓу двете земји поради било која причина не се усогласи во тој рок да смени некоја табла пред споменик или страница од учебник, тогаш тоа ќе биде аргумент Бугарија да постави ново вето.

Националните интереси ги ставивте над партиските, му понудивте на премиерот Ковачевски да се откажете од предвремени парламентарни избори, доколку Владата го одбие францускиот предлог. Макрон изјави дека иднината на земјата е “ во рацете на северномакедонците“. Сметате ли дека  Македонија е доведена до ѕид и условена исто како со Преспанскиот догвор, кој гарантираше влез во европското семејство, ама е заплеткана во европското лицемерие?

Мицкоски: Оваа иста влада тогаш  на чело со Заев,  ветуваше дека Преспанскиот договор е последната отстапка од националните интереси која ја прави Македонија, дека го затвора и последното отворено политичко прашање со соседите. Четири години потоа ние сме уште подалеку од ЕУ, пред крстопатот со бесконечни преговори и асимилација по диктат. Понижувањата станаа наше секојдневие. Поради оваа власт не ословуваат со погрден назив “северномакедонци“, ни се оспорува јазикот… Затоа ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија – иако состојбата во земјата од економски, енергетски и социјален аспект е катастрофална и предложи на владејачката СДСМ да го одбие францускиот предлог, а ние ќе се откажеме од барањето за брзи предвремени избори.  Ние дури и им понудивме бесплатна експертска помош со сите наши капацитети  само да не приредат ново понижување. Но, за жал, Ковачевски и СДСМ тоа го одбиваат.

Дали бугарските напади врз идентитетот на македонскиот народ може да го загрозат територијалниот интегритет на државата на новата геополитичка карта на светот?

Мицкоски: Бугарските напади на македонскиот идентитет траат повеќе од еден век, ама тие нема да успеат во своите намери ако ние не им дозволиме. Владата на Македонија истакнува дека на Македонија и се заканува дестабилизација ако не го прифатиме овој предлог.Министерот за надворешни работи Бујар Османи јавно се закани со меѓуетнички тензии, а Ковачевски се надоврза со закани за дестабилизација. Знаете кој беше одговорот на ова од страна на народот? Уште помасовни и помотивирани протести. Бројот на граѓаните на улица е јасна слика за степенот на гнев заради понижувачките постапки на власта.  Пред два-три дена , на еден од протестите, самиот народ ги откри провокатори, им ги симна маските од лицата и ги спречи да направат инцидент. Тоа говори за свеста и одлучноста на народот да ги брани државните интереси.

Македонија е во многу незавидна позиција, а решението, наспроти ветувањата на ЕУ, не е на повидок. Чешка како претседавач не го стави во приоритетите проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан. Како членка на НАТО, Македонија се спротивстави на Русија во врска со украинската криза. Од друга страна, е член на иницијативата Отворен Балкан, којашто е поддржана од спротивставените страни Русија и САД. Како да се одигра паметно во овие околности?

Мицкоски:Македонија има свои цели и мора да стои цврсто и одлучно зад своите интереси. Ние сме кандидат за членство во ЕУ веќе скоро 17 години и мораме да работиме на тоа достоинствено да го добиеме датумот  за влез во ЕУ. Во исто време мораме да направиме домашна реформа во областите во кои оваа власт потфрли . Членството во ЕУ не е само формална цел. Цел  е да се изгради просперитетна и еконосмки силна држава којашто гарантира подобра иднина на своите граѓани. Секоја земја има свои интереси и ги избира свои позиции во меѓународните односи. Ние сме ја избрале својата цел и цврсто стоиме на определеноста да бидеме достоинствена држава која ќе овозможи благосостојба на својот народ.

Дали јакнењето на Отворен Балкан е најдобра прилика за перспективен пат на  Македонија за влез во ЕУ, и тоа без да се прифати францускиот предлог?

Мицкоски: „Отворен Балкан“ е иницијатива која како ја поддржуваме, но не  смее да биде алтернатива на ЕУ. Реформите на земјите на Балканот се насушни и треба да продолжат без разлика тоа дали тие се резултат на некоја регионална соработка или се спроведуваат од секоја земја поединечно. Јас верувам во идејата на обединет Балкан во обединета Европа.  Живеам за идеата на Шуман, која не смееме да дозволиме да избледне. Мојот сон е дел од европското семејство да бидат и горди и достоинствени Македонци , и  ќе се борам тој сон да биде јаве. Верувам во европските вредности и принципи и убеден сум  дека ако работиме посветено,  можеме да ги оствариме своите цели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.