Не можеме да ја игнорираме реалноста, но ќе се бориме да ја промениме, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето дали ако победи на изборите ќе биде премиер на Република Северна Македонија.

Господине Мицкоски, ако победите на изборите, дали ќе бидете премиер на Република Северна Македонија?

Мицкоски: Ние реалноста во Македонија не можеме да ја игнорираме, но ќе се бориме да ја промениме.

Како?

Мицкоски: Тоа сум го зборувал многу пати во минатото, можам да го повторам и по стоти пат, но мислам дека би било дволично ако ние зборуваме за нешто што е спротивно на таа реалност. Јас сум професор на Универзитетот што е дел од образовниот систем на оваа држава. За жал резултат на капитулантскиот договор што го направи Зоран Заев и денеска таа е реалноста, и јас практично предавам во образовниот систем при Министерството за образование, кое е дел од Владата на државата со новата придавка. Плата земам од Министерството за финансии кое што е дел од Владата на државата со новата придавка.

Тоа значи дека ќе бидете премиер на Северна Македонија?

Мицкоски: Ако инсистираме на тоа и се надмудруваме дали ќе биде вака или така, тогаш би бил лажливец да кажам дека нема тоа да биде така, меѓутоа истовремено никој мене на таа маса не може да ми забрани да кажам дека сум Христијан Мицкоски од Македонија, кој што е Македонец и говори македонски јазик.

Повторно условно, ако победите на изборите, дали би коалицирале со ДУИ доколку резултатите ве упатат на тоа?

Мицкоски: Ние принципиелно имаме став дека ќе коалицираме со секоја политичка партија која ќе ја прифати нашата платформа, односно политичка програма. Ќе седнеме, ќе разговараме, ќе преговараме и зошто да не и ќе коалицираме. Немаме преференци кон ниту една, имаме релации со сите политички партии коишто се претставници на Албанците, имаме со политичките партии коишто не се претставници на Албанците, туку на другите етникуми итн, така што ќе имаме програма на масата и ви за ви таквата програма, доколку најдеме точка на поврзување, зошто да не.

Во врска со случајот Рекет, некаде кон средината на септември на прес-конференција во партиското седиште извадивте папка со документи кои рековте дека ви ги доставил свиркач од обвинителството и дека таму имате документи кои ќе ги објавите доколку оцените дека процесот во случајот Рекет не оди во интерес на јавноста. Не ги објавивте, што значи задоволни сте од начинот на кој се води истрагата?

Мицкоски: Чекаме како ќе се развива процесот. Досега не сме задоволни, напротив. Мислиме дека има класична злоупотреба и прикривање на вистинскиот инспиратор и сценарист во целиот овој случај, но наскоро, ако гледаме дека овој процес дивергира од реалноста, јавноста ќе биде сведок на тоа што всушност се случувало.

Тоа значи дека имате доверба во, како што велите, „Кацарска судството“ и „Русковска обвинителството“?

Мицкоски: Чекаме од тактички причини. Не чекаме од причини што имаме доверба. Довербата во „Кацарска судството“ и „Русковска обвинителството“ одамна ја загубивме. Ние чекаме да видиме од тактички причини, да видиме до кога ќе се дават во жива кал заедно со нивниот налогодавач затоа што тој е свесен дека тоне во жива кал, но не знам дали тие се свесни дека ги влече со него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.