Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски денеска оствари средба со амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Андраш Клајн.

Како што соопштија од партијата, на средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, како и за енергетската криза и потребата од одржување на предвремени парламентарни избори.

Мицкоски потенцираше дека државата покрај економската криза се соочува и со енергетска криза, укажувајќи дека поради немање слух, неспособност и негрижа од страна на владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, граѓаните дополнително се соочуваат и со енергетска криза.

Мицкоски го информираше амбасадорот Клајн за планот за справување со енергетската криза кој што ВМРО-ДПМНЕ го понуди на власта, бидејќи тие не ги преземаат потребните чекори за навремено обезбедување на јаглен, мазут, гас, нафта и нафтени деривати, додавајќи дека доколку се прифати овој предлог од страна на Владата, тогаш стопанството и граѓаните ќе плаќаат дупло поевтина струја, а скопјани ќе имаат навремено и евтино греење.

Власта повеќе нема кредибилитет да управува затоа што ја води државата и граѓаните во економска неизвесност и катастрофа, посочи тој.

Воедно, Мицкоски се заблагодари на унгарската поддршка и изрази надеж за продолжување на поинтензивна соработка и унапредување на билатералните односи со Унгарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.