Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша била потенцирана недвосмислената поддршка којашто земјава ја доби од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес, недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и улогата која што како најголема политичка партија ја има ВМРО-ДПМНЕ.

-Заклучивме дека во периодот кој следи уште повеќе ќе ги надополниме и интезивираме врските помеѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и Словенечката Демократска Странка, најави Мицкоски по средбата со Јанша на која го придружуваше потпретседателот на партијата Александар Николоски.

На средбата, како што истакна лидерот на опозициската партија, било разговарано за актуелните случувања во нашата земја со главен фокус на корупцијата и невладеењето на правото.

-Зборувавме и за начин со кој што овде во Словенија се справуваат со најголемиот предизвик можеби на човештвото во овој момент, а тоа е КОВИД пандемијата, но и резултатите и би рекол нерезултатите коишто ги спроведува нашата влада во рамките на справувањето со пандемијата во Македонија. Зборувавме за рецесијата за тешката економска ситуација во Македонија. Морам да признаам дека и овде во Словенија се чувствуваат економските последици предизвикани од КОВИД пандемијата, но далеку не се такви какви што тие се девастирачки во нашата земја во Македонија, поради неспособноста и немањето јасна визија и креатива како се справиме со таа економска криза, рече Мицкоски.

Мицкоски во Словенија имаше средба со премиерот Јанез Јанша, кој истовремено е и претседател на Словенечката демократска странка, најголемата партија и сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Европската Народна Партија. Претходно, Мицкоски беше на средби со унгарскиот премиер Виктор Орбан и Оливер Вархеји, кој во моментов е комесар за проширување а доаѓа од партијата на Орбан

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.