Политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти. Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму “циркузантската” минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи Претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата. Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори, смета Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ му порачува на претседателот Стево Пендровски:

Вие еден ден нема да бидете Претседател и ќе заминете, ќе Ве паметат по тоа што ќе оставите позади Вас, но ќе Ве запаметат и по оваа кукавичка одлука да му го одземете на народот чествувањето на жртвата на Илинденците. Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи?

Мицкоски го советува за размисли за одлуката за утрешното чествување на најголемиот македонски празик, Илинден.

Ве советувам да размислите за одлуката, не му го одземајте на народот тоа малку достоинство што му е преостанато. Оставете ја традицијата и обичаите да бидат такви какви што од баба на внук се пренесувале. На Илинденците, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и останати не им требала лажна политичка порака за обединување, не им треба политички шпалир за да сите до еден го положат својот живот за Македонија, тоа го почувствувале, се прегрнале, Македонец со Влав, Македонец со Албанец со Турчин… и го дале својот живот за својата Македонија. Македонија може и без Вас и без мене и без политичарите, но што сме ние без неа и народот!?
И на крај, честит Илинден! Да е жива Македонија!, вели Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.