За мене лично и за мојата партија ова е битка на принципи. И мојата визија за Македонија почива на три фундаменти. Прво, чесност и честитост по која работам. Второ, работа која мора да донесе резултати. И трето, одговорност, запамтете го ова добро, одговорност, зошто мора правда, правда за секого без оглед на политичката припадноста или политичка неприпадност, без оглед на името,без оглед кој со кого е близок -рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција откако беше распуштено Собранието.

Тој нагласи дека Македонија мора да сврти нов лист. Нов почеток преку кој, како што нагласи лидерот на опозицијата, ќе ги поразиме оние кои ни носат порази.

-Сакам да се обратам до чесниот и напатен народ, до граѓаните чии срца се стегнати поради неправдите, сиромаштијата, проблемите, доаѓаат подобри времиња. Доаѓаат времиња кога ќе има повеќе за секого, ќе има стабилност и сигурно чекорење кон нашите стратешки цели. Повеќе за земјоделците, повеќе за работниците, повеќе за стопанството, повеќе за просветните и здравствените работници, повеќе за пензионерите. Повеќе за секого. Обнова базирана на чесност, принципи и правда. Обновата денес е неопходност, зошто руинирана ни е државата, зошто мора да завладеат вредностите. Обнова која ќе донесе силна економија и силна држава, победи во секое поле. Исправена кичма, чист образ и среќни лица – додаде Мицкоски.

Според него ова е финалето на една битка за Македонија, битка за принципите и вредностите.

-Ова е мојата, мојата битка за мојата татковина во која што пораснав, создадов семејство и се борам за заедничката иднина. Обновата доаѓа, обновата која ќе решава проблеми. Одиме кон извесна, голема, неопходна и заедничка победа – порача Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.