Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. Е за тоа светло вреди и треба да се бориме, порача од струшко Ташмаруништа претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Како? Со верба, со труд, со многу труд. И нема откажување. Секоја борба е составена од повеќе помали борби. На крајот битно е да се оствари целта, победата да биде заслужена и остварена со сопствени сили затоа што така е нашиот код, и така е победата поголема. И доколку на тој трновит пат, се појават предизвици, се појават неправди, незаслужен пораз во некоја битка, тоа  никако не значи да се откажеме. Не. Кога знаеме дека имаме добра мисла и добри намери, кога знаеме дека за правда, принципи и за Македонија се бориме, и кога веруваме во таа битка, и во тие идеали, ние Македонците ќе ја оствариме целта, изјави Мицкоски.

Тој за државата посакува силна Македонија, земја на среќни луѓе, на семејства со насмевки…

Нашиот народ заслужува среќа, а не држава затворена од сите страни. Нашата земја мора да има европска иднина, а не затворени граници. Нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира. Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред. Тоа сите ние го создаваме и само ние сме покровители на сопствената судбина. И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната партија во државата и доста цврста, и сите кои не потценуваат најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и  принципи, рече Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ на нашето општество му треба принципи и верба.

Верувајте дека можеме, дека ќе биде подобро и дека доаѓаат други времиња. Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата да се потпираме едни на други, кажа Мицкоски на Илинден во Ташмаруништа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.