Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се обрати на ораторска вечер организирана од унијата на млади сили на партијата.

Навистина е убав настанот кога гледате млади луѓе со сиот нивен жар, потенцијал и младешка непрекор како имаат волја и желба да зборуваат за работите кои се важни за нашата држава, но и за нашето општество. Во тој контекст еден од најголемите оратори Мартин Лутер Кинг има кажано:  “Нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта.” Денес овде го гледам токму спротивното, желба да се говори и јасна визија за работите како понатаму. Како млади луѓе многу е важно да имате став за работите, да бидете носители на промените кои сакате да ги видите, затоа што ако вие тоа не го направите, нема кој друг да го направи тоа во ваше име. Еден од најдобрите антички римски оратори Цицерон ќе каже – Да се биде задоволен со тоа што се има е најголемото и најсигурното богатство“, вие имате повеќе од тоа, го имате знаењето, целиот свет пред вас и можност да ги менувате работите. Вашата бунтовност треба да ја насочите кон делотворност, вашата енергија да ја насочите кон тоа да ги менувате работите, а вашата љубов кон нашата земја да креирате општество какво што сакате да видите, им порача тој на младите.

Мицкоски потсети дека често знае да каже дека неправдата било каде е закана за правдата секаде, и тоа е, рече, верувале или не навистина така.

 

Неправдата било каде е закана за правдата секаде. И целосно сум свесен за предизвиците со кој се соочува младиот човек, со неправдите на системот, со неразбирањето кое се покажува од власта, со неправдите кои сите ние ги чувствуваме, а највеќе ги чувствувате токму вие. Свесен сум за ветувањата кои ги даваше оваа власт а не ги исполни, за пропаднатите надежи и измамените чувства. Со неправдата која притиска и силно не влече надоле како општество. Затоа промените треба да почнат токму од вас, а од кој друг ако не од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Нашата држава се наоѓа пред крстосница и изборите кои следат не се само одлука за претседател на Република Македонија, тие се многу повеќе од тоа, тие се одлука за тоа каква Македонија сакаме, понижена, криминална, ограбена, без вредности и принципи, или праведна, горда, со подадена рака кон оние кои што вредат, и со концепт и визија за иднината. Јас се борам за оваа втората, за втората Македонија, онаа вистинската, онаа која што е нашиот завет, онаа која што не инспирираше да сме токму тоа што сме. Мартин Лутер Кинг имаше сон, тој можеби не, но сите идни генерации американци, кои заедно успеваа да го изградат тој сон велеа, и јас имам сон, а не само јас, туку сите заедно можеме да го оствариме тој сон, а тој се вика напредна, честита, принципиелна, искрена Република Македонија, дом за сите, дом за во кои младите треба да ги реализираат своите соништа и замисли. Интелегенција и карактер – тоа е целта на вистинското образование кон кое се стремиме и затоа ќе се бориме се додека дишеме, истакна тој.

Мицкоски порача: „Првиот чекор кон тоа е јасно да ги кажувате работите, да се борите за своите принципи, но и да се борите за своите ставови. Ниту мене, ниту на било кој во ВМРО-ДПМНЕ не му треба Унија на млади сили која ќе биде апологет на сениорите. Напротив ни треба критичка мисла да ни укаже кога грешиме, затоа што ние сме тие кои што сакаме да се корегираме кога грешиме“.

-А сите добро ме знаете и познавате, дека во мене можете да најдете искрен пријател и поддржувач на се она што сакате да го правите. И ова време што стои пред нас, не е само предизвик ниту мој или само на Извршниот комитет на партијата, ова е предизвик за сите нас, за секој млад човек, впрочем за секој еден човек, за секој еден граѓанин на Република Македонија. Затоа ние ќе се избориме, а вие ќе бидете клучната сила во таа наша борба за подобра Македонија. Се работи за нашата заедничка иднина, за иднината на сите нас. Ќе поминат години од сега, ќе се погледнеме сите едни со други во очи и тогаш ќе си го поставиме прашањето, дали направивме се кога можевме, дали тоа што го направивме беше доволно, дали можеби не требаше да направиме нешто повеќе? Јас го знам мојот одговор, знам што ќе одговорам тогаш на моите внуци. Но, тоа прашање треба секој еден од вас да си го постави. Потполно го разбирам тој младешки жар, тој младешки бунт што секој еден од вас го има, што секој еден од вас го поседува. И денеска е ин секаде во Светот да си ја сакате државата која што ве израснала, државата која што ве образувала, и државата која што треба да ви даде шанса да покажете колку вредите. За жал во ова време во кое што живееме, оваа наша држава не ни дава шанса на сите нас, ниту на сите вас, да покажете колку вредите. Голем дел од вашата генерација денес ги пакува куферите и ги полниме фабриките, ги полниме државите во Западна Европа, а можеше да биде поинаку, истакна тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека тие имаат верба и веруваат во она што е правилно.

 

Можеби сум малку постар од Вас, повозрасен, сум универзитетски професор во меѓувреме, голем дел од вашата генерација ми поминала низ клупите, а јас пред нив на таблата, решавајќи задачи и прашувајќи ги, и знам дека некои работи не се фер. И секој од вас ќе си го постави прашањето зошто токму мене ова ми се случува, не го заслужив ва, можеби требаше да биде поинаку, можеби требаше да биде по различно, но не смееме да се откажуваме и тогаш кога мислиме дека некои работи не се фер, не смееме да се откажуваме туку треба да застанеме цврсто на нозе и да се бориме. Затоа што борбата е она кое што ни останува, сето друго е празна демагогија, сето друго е мангуплук. Само борбата е тоа што на секој еден од нас ни преостанува. Секој ден треба да се бориме. Секој еден ден е приказна за себе. Ајде заедно да го сонуваме сонот за оваа Македонија за која што зборував. Ајде заедно да го сонуваме сонот за честита, искрена, принципиелна и праведна Македонија. Држава која што ќе нуди можност за сите. Нашата мисија драги мои браќа и сестри од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ  е правила, нашата мисија е за оваа вистинската Македонија и колку е таа мисија поправила да знаете толку нашиот пат ќе биде потежок, но треба да се бориме и никогаш не смееме да се откажеме и тогаш кога сите ни викаат толку е, нема повеќе од оваа точка понатаму. Ние не треба да се откажуваме и треба да се бориме. Затоа што, запаметете го ова, ова ви го кажувам како постар брат, не како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, не победува ниту побројниот, ниту помоќниот, туку обедува мотивираниот и храбриот, а јас овде во оваа просторија денеска гледам храбри и мотивирани млади луѓе да му застанат на патот на оваа зло кое што како дамаглов меч нависнало над нашата татковина и сигурен сум дека на таа битка заедно ќе победиме. Треба да победиме најпрво на 21-април, а потоа да победиме и на 5-ти мај, а јас сум убеден дека потоа ќе победиме на следните предвремени парламентарни избори. Ви посакувам успешна работа, да уживате во овие ваши мигови, да го дадете максимумот и не престанувајте да се борите и престанувајте да  сонувате, им посочи Мицкоски на младите.

 

За крај порача: Ајде заедно да го сонуваме сонот за Македонија,  а успехот на крај ќе дојде, да немате дилема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.